Feel it - Live it. BEST spirit!


Барајќи начин како забавно да го поминам крајот од летото некаде надвор од границите на нашата земја, сосема случајно наидов на листата на есенски БЕСТ курсеви и без никакви очекувања аплицирав за еден од нив во Ваљадолид, Шпанија - инаку мој долго неостварен сон. Дестинацијата ми делуваше примамлива, а исто и темата на курсот: Artificial Intelligence – Could a toaster pass your exams?
Кога го добив известувањето дека сум примена на курсот бев многу возбудена, но ни одблиску не можев да замислам што навистина значи да се биде учесник на БЕСТ настан. Многу од моите другари – инаку членови на локалната БЕСТ група во Скопје ми велеа дека Ваљадолид е неверојатен, а дека БЕСТ-овците таму се прекрасни луѓе. Слушав многу и за БЕСТ забавите, но сето тоа ни најмалку не успеа да го опише искуството што го стекнав во магичната Шпанија.
Уште на денот на пристигнувањето, го почувствував неверојатниот шпанскиот дух. Бев воодушевена од позитивната енергија која едноставно ја чувствувате со секое вдишување и не можете а да не се заљубите во оваа земја. Без двоумење би кажала дека Шпанците се најготопримливиот и најтопол народ што некогаш сум го запознала, а верувајте, тоа се чувствува уште при првиот чекор на аеродромот. Непознати, насмеани лица насекаде околу вас, ви го покажуваат патот, ви помагаат со багажот и патем ви раскажуваат каде можете да ја дегустирате најдобрата храна во градот.
Кога мислев дека сонот не може да стане подобар, тогаш  конечно пристигнав во Ваљадолид и доживувањето започна: Тhis is number one and the fun has just begun!!
Секој ден, секој час и минута го живеев БЕСТ сонот. Наутро – будење со песна и гитара, набрзина земен појадок; пат до универзитетот; предавања, дискусии, изработка на роботи, посета на фирми; паузи за кафе и игри. Попладне – време за стомакот да се почасти со некој вкусен шпански специјалитет; прошетка низ градот; подготовка за игри и забава. Навечер – бевме каубојци и роботи; олимпијци и  духови; диско – ѕвезди и сангрија мајсори.
Неверојатни 10 дена со БЕСТ. 10 дена исполнети со многу активности, песни, игри, забава, дружење и едноставно ви се чини како секој ден да трае една недела, а вам и тоа ви е малку.
Кога денес некој ќе ми спомне за Шпанија и БЕСТ курсот, го чувствувам топлото сонце, мирисот на сангрија и со радост се сеќавам на веселите насмевки на пријатели од цела Европа. Пријатели кои и денес ми се мили и чии ликови нетрпеливо чекам да ги видам на следното онлајн дружење или БЕСТ настан ( зошто да не? J). Се сеќавам и на жарот со кој моите другари ми ги споделуваа нивните БЕСТ искуства, точно пред моето заминување и сфаќам: БЕСТ не се раскажува. БЕСТ се доживува.

Марија Велкоска


























No comments: