Полска – Вториот БЕСТ курс
Курсот во Полска
најмногу го одбрав поради темата, каде што главен акцент се ставаше на
лидерство, менаџирање и комуникациски вештини.
Дестинацијата и не ми
беше така привлечна, бидејќи до сега, не сум размислувала за Полска како
дестинација која сакам некогаш да ја посетам, но моето мислење се промени
веднаш штом стапнав таму.
Бев пречекана од една од
организаторките. Нејзината насмевка ми даде до знаење дека тука ме чекаат
одлични 12 дена и навистина беше така. Откако не сместија во студентскиот дом и
по првата вечер помината со луѓе кои прв пат ги гледам, забавата и моите
патешетвија во Полска започнаа. Бевме сместени во прекрасен студентски дом, кој
беше во близина на центарот. Најдоброто нешто беше што домот беше чист и се
почувствував како да сум во некој хотел. Во собите бевме по четворица и тоа
навистина ми се допадна, бидејќи никогаш до сега не сум делела соба со 4 –ца
непознати, со кои треба да поминам 12 дена и 12 ноќи.
Се изненадив, кога видов
дека организаторите сами ќе ни готват и како што пишуваше во апликацијата, дека
ќе имаме барем по еден топол оброк, така и беше. Храната беше навистина вкусна
и ми се допадна што организаторите сакаа преку храната да не запознаат повеќе
со земјата, нивните обичаи, култура, традиции.
Забавите беа со различна
тематика. Најинтересното беше кога ќе бевме поделени во тимови и секој тим
имаше некоја задача да исполни. Во тие моменти,
сите бевме сложни, дававме идеи како најлесно да победиме и пред се се смеевме
и се забавувавме како никогаш до сега. Низ целиот курс во тие 12 дена беше
така. Целта ни беше да се запознаеме подобро, да бидеме вистинските ние, да се смееме
и да се забавуваме. Чувството е навистина прекрасно кога за толку кратко време
ќе се поврзеш со луѓе кои едноставно сакаат само најдоброто од тебе да го
извлечат и да те запознаат во вистинско светло.
Дури и во моменти кога
се чувствуваш изморено од напорниот ден, шетањето низ градот, забавите и
предавањата, сепак тие луѓе кои ги познаваш толку кратко време, ќе седнат до
тебе и ќе почнат да ти раскажуваат интересни случки од нивниот живот. На тој
начин многу подобро се запознавате и се поврзувате.
Во тие 12 дена, со тие
луѓе се чувствуваш како да си во едно големо семејство. Предавањата на овој
курс беа исто така доста интересни и пред се корисни. Има работи од тие
предавања кои засекогаш ќе ми останат во меморија и кои ќе ми послужат понатаму
во животот. Професорите кои предаваа, сакаа на забавен начин да ни го прикажат
она што треба да го научиме и успеаа во тоа. На сите ни беше доста од нашите
класични професори на факултет, па овие предавања на овој курс беа навистина
нешто ново и пред се едно освежување во начинот на учење на работите кои се
важни во животот.
Преку составувањето на
тимови, како и индивидуалната презентација на тема што сами си ја биравме,
научив како да комуницирам со луѓето кога сум во тим, како да ја слушам секоја
нивна идеја, да давам забелешки или пофалби кога е потребно. Кога презентирав
индивидуално, беше навистина едно ново искуство, пред се затоа што презентирав
пред луѓе што не ги познавам, а сакам да ме разберат и да оставам добар
впечаток, а исто така предизвик беше што презентирав на англиски јазик.
Овој втор курс ми донесе
уште нови пријатели во животот, кои ме научија на многу нови интересни работи.
Овој втор курс ме натера да се пријавам и на трет, каде што бев одбрана и едвај
чекам да одам.
Овие курсеви само повеќе
ти помагаат да се изградиш како личност, да научиш нови работи, нови луѓе,
култури, дестинации и едноставно да се забавуваш како никогаш до сега.
Александра Крстевска
No comments:
Post a Comment