КАМИКАЗИ, eден од победничките тимови на EBEC Skopje 2013


Беше обичен ден на факултет, среда, ако добро се сеќавам. На аудиториските вежби по Напреден Развој на Софтвер, дојдоа двајца студенти. Рекоа дека се од студентската организација БЕСТ и дека сакаат да нè информираат за некаков инженерски натпревар. Најпрво, воопшто не бевме заинтересирани за тоа, но откако заврши презентацијата, веќе почнавме да размислуваме за учество. „Зошто да не, ќе биде одлично искуство” – си рековме. И така и се случи. Наредниот ден, испративме апликација за учество на EBEC, под името „Камикази” (има приказна за тоа како го избравме токму тоа име, но ќе ја кажеме во наредна прилика).



Од самиот почеток, надежите и очекувањата беа мали. Нам, како студенти од прва година, императив ни беше да учествуваме, да научиме нешто ново, да се забавуваме. За победа воопшто не зборувавме, но да бидеме искрени, потајно се надевавме.
Како што се приближуваше денот на натпреварот, сè повеќе и повеќе, во нас се разгоруваше желбата за што поголем успех, впрочем, тоа би било случај со секого, па така и со нас. Постојана тема на разговор ни беше токму EBEC и нештата поврзани со тој настан.
Дојде и 26-ти февруари, првиот натпреварувачки ден на инженерскиот натпревар. Тимовите пристигнаа, сè беше подготвено и одлично организирано. Остана само да го слушнеме проблемот и да преминеме на негово решавање. Соработката меѓу нас беше одлична, дојде до израз тимскиот дух кој го поседувавме, а којшто по овој настан се разви уште повеќе. Дојдовме до едно одлично решение, кое да бидеме искрени, доста добро го презентиравме пред жири-комисијата, што можеби беше клучниот фактор за освојување на првото место, со оглед на тоа дека уште два тима имаа ист резултат како нас. Начинот на презентирање е уште еден сегмент, со помош на кој добивме едно искуство повеќе, кое со сигурност ќе ни биде од помош понатаму.



Прогласувањето на победниците беше приказна за себе. Чувството со кое се соочувавме тој момент е тешко да се опише со зборови. Уште долго по прогласувањето, не можевме да си поверуваме дека всушност ние, тимот „Камикази“ , сме победници на EBEC и ќе одиме на Балканскиот натпревар во Софија. Знаеме дека таму работите ќе бидат малку поинакви. Ќе имаме квалитетна конкуренција, бидејќи, сепак тимовите кои ќе се натпреваруваат таму, победиле во својата држава. Но колку и да биде тешко, ние знаеме дека ќе дадеме сè од себе и нема да се откажеме до последниот здив! Освен натпреварување во Софија, очекуваме да запознаеме што е можно повеќе нови пријатели со кои се надеваме дека одлично ќе се забавуваме! Исто така очекуваме да се запознаеме со луѓе и компании од I.T. секторот кои, всушност се нашата иднина. Знаеме дека и таму одлично ќе си поминеме, и секако, се надеваме на победа.


За крај, сакаме да им се заблагодариме на BEST, студентската организација за која дознавме и преку која се запознавме со овој инженерски натпревар. Видовме дека атмосферата таму е одлична, се организираат одлични настани, на кои секој студент би било супер да учествува. Благодарност и до сите други кои учествуваа во организацијата и до оние кои дадоа поддршка за EBEC.

P.S. Софија, чекај нè!














No comments: