Мотивациски викенд со БЕСТ

Уште еден изминат викенд, викенд  кој ни донесе едно ново искуство, нови луѓе, нови погледи кон животот. Слушнавме за мотивациски викенд во Охрид, па во потрага по нова авантура веднаш се пријавивме . Откако ни беше објаснето што и како се случува, имав замисла дека ќе има неколку часа досадни предавања, па после цел ден е пред нас за лудување. Ништо од тоа не беше така.



Почнувајќи од самото запознавање не беше она класичното: Здраво, јас сум... ,се започна со игра како што и заврши. Се поделивме во тимови и секој си доби по некоја мала задача. Ако под задача подразбиравме некоја обврска која мораме да ја исполниме, сега задачата е обврска која сакаме да ја исполниме.
Откако завршија игрите на запознавање и делењето на задачи за секој тим, следуваше состанокот. Беше претставена работата на БEСТ и идните случувања. Го немаше тоа да гледаш во оној кој држи говор, а ти со мислите луташ некаде во далечините. Секој се труди да слуша за да после даде свое мислење и своја идеја. Темата беше за ФР маратонот во Скопје и Охрид. Добивме објаснување за тоа што претставува, како функционира и од секој одговорен слушнавме по збор два за нивните обврски. Малку збунети за тоа како на терен, оставивме да чекаме да дојде другиот ден и да го искусиме тоа.


Заврши и состанокот секој си кажа тоа што имаше, се средивме вечеравме и дојдовме до Olympic Games. Каде имавме натпревари во тимови со судија кој го имаше последниот збор. Игрите вклучуваа дружба, иновативност, креативност. Не можам да го доловам чувството со зборови кога твојот тим освојува некоја од игрите. После завршувањето на игрите во кои секој сака учевствува, секој имаше избор за преостанатата вечер. Едни се забавуваа во град, други останаа да уживаат во звуците на гитарата.




Вториот ден имавме едно ново искуство. ФР маратонот пристигна. Секој тим се упати кон своите дестинации. Нашата обврска беше да се претставиме кои сме, што сакаме и доколку имаат можност сопствениците да ни овозможат да ја оствариме нашата цел : гостите од различи делови на Европа да добијат по некој бесплатен оброк или пијалок. За среќа пријатно бевме изненадени од Охриѓани. Секој тим имаше добиено по неколку спонзорства. Собирното место беше на плажа и сите презадоволни чекаа да соопштат кој што добил.
Така задоволни се вративме каде што бевме сместени и таму не чекаше едно изненадување. Имавме тренинг за „Презентација“ од страна на Софија Цали.  Да имавме на факултет вакви предавања ќе имавме желба и по цели денови да присуствуваме на нив. Јас лично прв пат присуствував на вакво нешто и бев воодушевена. Се додека некој насмеан раскажува со страст за она што го зборува, ќе има друг кој неуморно ќе го слуша.


Последната вечер игравме Cantus, јас ја нарекувам „Игра зад затворени врати“. Никој не сакаше да ни ја открие се додека не започнавме да играме, па така и јас нема да ја откријам. Само ќе кажам дека таму јас бев „Јас“, зборот срам не постоеше, исто како сите околу мене да беа невидливи бидејќи секој те прифаќа таков каков што си без предрасуди, исмевања и слично. Ова препорачувам да се искуси барем еднаш.
И стигнавме до крајот, ново утро исто како претходното, но се беше поразлично. Поминуваш низ ходник и не сте повеќе странци. Од секој минувач слушаш „Добро утро“ и добиваш по некоја насмевка. Одиш на плажа те опкружуваат луѓе кои ги знаеш само два дена, а мислиш цел живот сте пријатели. Малку тажен се пакуваш и се поздравуваш со сите, но си одиш дома задоволен, мотивиран, исполнет, среќен !


Заклучок: Фантастичен викенд !

Ивана Бикоска












БЕСТ Скопје на АКВАПАРК ФЕСТ ПРОБИШТИП

 Со сеуште свежи импресии, овојпат пишувам за една поинаква авантура на членовите на БЕСТ Скопје. Покрај некои редовни настани кои се случуваат во БЕСТ, почнувајќи од летните курсеви ширум Европа, културни размени, мотивациски викенди, овојпат заземавме учество на АкваПарк Фест, кој за прв пат се одржа викендот 24- 25 мај во Пробиштип. Бевме повикани како волонтери од страна на Password продукција со цел да се поттикне култуниот активизам и свеста за доброволен придонес кај младите. Затоа што БЕСТ како организација се залага за поттик на овие работи и сите преостанати општествени одговорности, понудата беше веднаш прифатена.



        И така, кога навистина ми требаше некој викенд релаксација и малку одмор од секојдневните збиднувања, стигна повик за волонтерство на АкваПарк Фест; отворена покана за многу забава и дружење, и притоа покриени  трошоци за пат, храна и влез, дозволен пристап до АкваПаркот. Си реков, супер прилика, оддамна не сум била на фестивал, а како волонтер па никогаш. Без размислување се пријавив..


        Неколку дена по повикот се состанавме со членовите од продукцијата која на сите, отприлика 30-тина пријавени волонтери ни ги објасни подетално обврските за време на фестивалот. Ништо страшно и напорно, грижа околу кампинг местото, ставање нараквици на посетителите на фестивалот, регулирање на паркинг местата, грижа околу артистите во бекстејџ.. Тоа беа мали задачи исполенти со многу забава и дружба кои не беа воопшто тешки, а сепак на крајот од денот си задоволен дека со завршената задача си придонел за се да остане во најдобар ред.


         Самиот фестивал траеше два дена, во кои имавме прилика да видиме како се работи на еден ваков настан и да стекнеме нови искуства, а истовремено добивме прилика и да стапиме во директен контакт и да се „фотнеме“ со некои од нашите омилени артисти. Кирил Џајковски, Paul Van Dyk, Фолтин, Суперхикс, S.A.R.S., Conquering Lion се само дел од артистите кои настапуваа...



        Како и да е, си поминавме незаборавно. Дефинитивно се здруживме уште повеќе со останатите членови, и се надеваме на уште повеќе вакви соработки и спомени.

Ирена Костовска


























Културна размена Јилдиз и Рига, Истанбул


21ви- 27ми април, 2013

 Само што се вратив во реалноста. Под „реалностмислам на нормалниот живот, оној студентскиот, секојдневниот, на обврските и проблемите во животот. А пред тоа, погодете каде поминав една назаборавна недела од својот живот? Па секако, во Главниот град на главните градови, еден од најубавите градови на светот, градот на два континенти, за некои познат како Стамбол, за некои како Константинопол, ние денес го викаме Истанбул.
Во оваа 17 милионска светска метропола, во прекрасната Турција, јас поминав една незаборавна недела која е дел од најубавите БЕСТ настани. Овој пат тоа беше КУЛТУРНА РАЗМЕНА помеѓу ЛБГ Јилдиз и ЛБГ Рига од Латвија. Јас присуствував како гостин од ЛБГ Скопје и имаше уште од една девојка од ЛБГ Санкт Петерсбург во Русија.
Пристигнав во Истанбул на 21ви април утрото во 06.30 по турско време (05.30 по македонско време). На автобуската станица почекав околу 45 минути да пристигне автобусот од Солун со грчките патници за не однесе заедно до плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, каде што беше точката на состанок со домаќините. Беше едно врнежливо утро во Истанбул, кое ми донесе лошо расположение за ваков добар настан. Но подоцна се беше добро. Во 9.30 часот по турско време ме пречекаа домаќините на Таксим, а јас ги чекав во STARBUCKS на Истаклал, на главното шеталиште во Истанбул. Отидовме во куќата каде што требаше да ме хостуваат и морам да признаам дека се покажаа како одлични домаќини. Веднаш потоа таму дојде и мојот добар пријател кого го запознав на Регионалното собрание кое се одржа во Скопје, две недели пред тоа, Тунч. Бидејќи се знаевме од пред тоа, веднаш реши, иако беше врнежливо да ме прошета во општината Бешикташ, кадешто бевме сместени. Отидовме на турски чај и ќунефе, турски десерт со мед и кашкавал. Прошетавме до Босфор и се вративме дома, бидејќи бев изморен од патот. Вечерта имаше забава за добредојде и запознавање со останатите учесници.

    Утредента, тргнавме во поход за освојување на Истанбул, односно разглед на градот и неговите знаменитости. Почнавме од Џамијата на Султан Ахмед или Сина Џамија, Света Софија, Германска фонтана, Обелискот на Теодосиј, Египескиот обелиск, Капали чаршија, Галата мостот и Галата кулата, за на крај да завршиме на турска баклава во Каракој. Вечерта се случи позната Интернационална Вечер, каде пробавме разни јадења и пиења од земјите учеснички. 








Следниот ден беше доста интересен, се возевме со брод по Босфор, цели 6 часа, јадевме скара, турски суџук, пиевме Сангриа и се журкавме и запознававме со домаќините и учесниците. Тој ден стекнав многу пријатели со кои комуницирам и сега. Вечерта отидовме на релакс мод, гледавме Лига на шампиони во еден локален бар во Бешикташ, пушевме наргиле и пиевме турски чај. Таа вечер помина релаксирано.






Утредента отидовме во посета на пиварата ЕФЕС Пилсен во Истанбул, кадешто се запознавме со вработените, имавме тура низ кампусот, се запознавме со комплетниот процес на производство и флаширање на пивото, имавме презентација на компанијата, на крај го дегустиравме производот и имавме коктел. Потоа отидовме во Miniatürk  музејот  и Пјер Лоти, висока точка во Истанбул кадешто се има прекрасен преглед на градот. Вечерта имаше Pub Crawling.
            Следниот ден ги посетивме островите на Истанбул, поточно најголемиот БУЈУКАДА, имавме прошетка низ музејот, повторно јадевме скара на плажата и се забавувавме и дружевме сите заедно, повторно зацврстив пријателства за на крај денот да го завршиме со Game Party.







Последниот ден помина претежно мирно, имавме прошетка низ кампусот, ректоратот и универзитетот Јилдиз во Бешикташ. Потоа отидовме во Ортакој, најголемата суверница во Истанбул, кадешто си купивме по некој сувенир за спомен. Вечерта беше резервирана за High School Party, кадешто сите танцувавме и се дружевме во духот на средношколците. Тоа беше воедно и последната забава за оваа културна размена. Утредента беше денот за заминување и сите со тешко срце се разделивме едни од други и си ветивме дека ќе се видиме повторно некаде низ Европа, која иако изгледа голема, сепак е мала кога си во БЕСТ. 

Така заврши и мојот трет настан со БЕСТ, во кој стекнав многу добри пријатели во Турција со кои останав да комуницирам.


FEEL THE MAGIC! JOIN BEST

Дамјан Милошевски























How Norway put a spell on me

Замислете си ноќ под волшебната поларна светлина, фјордови кои прикажуваат неверојатен и неповторлив колорит, илјадници чисти и природни езера, ектреми на континуирана светлинаи континуирана ноќ, глечери и природни реткости, бескрајни реки и моќни водопади.

Норвешка од секој свој агол повикува на авантура. 

Замислете, исто така, со години да истражувате некоја земја, да ја познавате секоја нејзина географска област, поединости на едукативниот систем, демографски карактеристики, култура и историја. Да, тоа е еднакво на опсесија, или пак само силна желба да проверите каква е реалноста.



17 јуни без сомневање ми беше исполнет со среќа, оној еуфоричен момент на неверување кога прочитав дека сум примена на есенскиот БЕСТ курс во Трондхејм, Норвешка.

За патувањето од соништата се што беше потребно е да се логирам на официјалната страна на БЕСТ и да аплицирам со мотивациско писмо кое ме одведе до доживување на едно сосема поинакво патување коешто го овозможува БЕСТ.
Прво патување сама на крајниот север на Европа и 12-дневно магично искуство во далечната и мистична Норвешка.

Кога слетав на аеродромот, кој беше еден час оддалечен од Осло, бев сама на непозната територија, но сепак го имав она позитивно чувство на изгубеност со кое излегував од вообичаената рутина на патување. 
При првиот контакт со минијатурното норвешко гратче, каде што се наоѓаше аеродромот, сфатив дека начинот на живеење таму е толку далечен од нашиот. Возот на локалната станица пристигна со неверојатна секундарна точност, ентериерот и екстериерот  беа на рамниште со првокласен авион, со таа разлика што горе во облаците немате wi-fi конекција.


 Неверојатната скандинавска природа се забележува при првиот поглед низ прозорецот, а со самото наближување кон Осло кој е сместен на истоимениот фјорд, полека влегувате во спој на старите градби наспроти модерната архитектура и безброј минијатурни индустриски зони.


Железничката станица е централното јадро и главна почетна точка за разгледување на градот за кое имав 12 часа до вечерниот воз за Трондхејм.
Едно мало шишенце обична негазирана вода од 37 норвешки круни ми посака пријатно добредојде. Пријатен е и фактот кога ќе ги воочиш примерите од часовите по Економија во пракса. Да, Норвешка практикува “економски национализам”, има рестриктивна увозна политика и практично немав избор за друга вода освен тие од  домашно производство.

Осло е футуристички убав град со голем број контрастни историски градби, но мојата дестинација беше Трондхејм. Гратче околу 550km северно од Осло и 300km јужно од северниот поларен круг. 
Норвешки Железници преку рутата The Dovre Railway (http://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=IQUaFa77XiE) го поврзуваат Осло со Трондхејм
Ноќта кога патував немав можност во целост да го видам окружувањето, едноставно присутно беше чувството дека континуирано се движиш кон најсеверната можна точка на која некогаш си бил.

Трондхејм, студентски град кој се наоѓа во округот Јужен Тренделаг, и неговата околина имаат  убиствено убаво окружување и за момент ќе посакате да останете таму засекогаш!

На станицата во 07 часот наутро ме чекаше Харалд, организатор кој беше на нашиот летен курс во Скопје, при што со менување прво на локален автобус, со кој ги средував првите впечатоци за градот, потоа со трамвајот имав глетка на најколоритните куќички и по 15-ина минути искачување (со куфери, да) стигнавме до најубавиот видиковец на градот - дрвената куќичка во која со 24 партиципанти од различни делови од Европа бевме сместени во првата половина од курсот. Последните денови ги поминавме во училиште во градот, поради преголемата оддалеченост од Универзитетот.

 Во рамки на кампусот на NTNU - The Norwegian University of Science and Technology  се одржа академскиот дел од курсот, кој беше насочен кон скапоцената течност - нафтата и нафтените платформи кои се честа слика во Северното Море, постројки за бушилици и останати други за мене апстрактни, но корисни поими.

Организаторите ни ја доближија и локалната необична храна, пробавме супа од брокули, чудни ќофтиња со слатко од сливи, добропознатиот лосос, допревме до норвешката култура како нетипични туристи, а имавме и кратко запознавање со основите на норвешкиот јазик.

Искусивме ноќен wood crawling, каде на друго место поавтентично би ги доживеал приказните за троловите, норвешките митологии и легендите за принцези, дознавме дека жиците на харфата имаат значење на скалила кои симболизираат повисоки нивоа на љубов.  Сето тоа спакувано во неразбирлива јазична рамка на имиња.

Останатиот дел од вечерите се дружевме преку најразлични игри и забави. Имавме викингшки кантус - цензурирано можам да го објаснам како игра исполнета со пеење J Потоа casino night, интернационална вечер, sauna crawling, chillout movie night - си гледавме норвешки филмчиња пропратени со топло чоколадо и marshmallow.
Преку City Rally-то паралелно ја истраживме историјата и уметничките катчиња на градот каде што може да конзумирате кафе во најромантичното кафуле. 



Ја посетивме и Нидарос, најсеверната готска катедрала во светот , ручавме на височина од 120 метри во Tyholt Tower, кула која на својот врв има ротирачки ресторан со неверојатен поглед на целиот град.


 Викендот беше резервиран за пливање и прошетка низ фјордовите на Трондхејм, обала која е избраздена со тесни морски заливи. Потоа пеевме во музејот за рок музика - Rockheim каде што можете да слушнете норвешка рок музика од 50-тите години па се до денес или пак истата да ја отсвирите на некој инструмент, да го визуелизирате начинот на живот низ декадите кои што имаат свој дизајн и ги покажуваат различните аспекти на музичката историја



Моето детализирано раскажување за сите волшебни места, предмети, природа и прекрасни луѓе на овој курс можат да не одведат до Северниот пол и назад и до поларната светлина која поради временските услови не ја доживеав.
Доколку главна асоцијација за земјата ви биле стеротипите за студ и мраз, проширете ги хоризонтите на погледи, перспективи, композиции и бои на една поинаква топла и бајковита Норвешка J и аплицирајте на http://best.eu.org/student/courses/event.jsp?activity=8gcl527


Ана Милинковиќ