How Norway put a spell on me
Замислете си ноќ под волшебната поларна светлина, фјордови кои прикажуваат неверојатен
и неповторлив колорит, илјадници чисти и природни езера, ектреми на континуирана
светлинаи континуирана ноќ, глечери и природни реткости, бескрајни реки и
моќни водопади.
Норвешка од секој свој агол повикува на авантура.
Замислете, исто така, со години да истражувате некоја земја, да ја
познавате секоја нејзина географска област, поединости на едукативниот систем,
демографски карактеристики, култура и историја. Да, тоа е еднакво на опсесија,
или пак само силна желба да проверите каква е реалноста.
17 јуни без сомневање ми беше исполнет со
среќа, оној еуфоричен момент на неверување кога прочитав дека сум примена на есенскиот БЕСТ курс во Трондхејм, Норвешка.
За патувањето од соништата се што беше потребно е да се логирам на официјалната
страна на БЕСТ и да аплицирам со мотивациско писмо кое ме одведе до доживување
на едно сосема поинакво патување коешто го овозможува БЕСТ.
Прво патување сама на крајниот север на Европа
и 12-дневно магично искуство во далечната и мистична Норвешка.
Кога слетав на аеродромот, кој беше еден час оддалечен од Осло, бев сама на
непозната територија, но сепак го имав она позитивно чувство на изгубеност со
кое излегував од вообичаената рутина на патување.
При првиот контакт со минијатурното норвешко гратче, каде што се наоѓаше
аеродромот, сфатив дека начинот на живеење таму е толку далечен од нашиот.
Возот на локалната станица пристигна со неверојатна секундарна точност,
ентериерот и екстериерот беа на рамниште
со првокласен авион, со таа разлика што горе во облаците немате wi-fi
конекција.
Неверојатната скандинавска природа се забележува
при првиот поглед низ прозорецот, а со самото наближување кон Осло кој е сместен на истоимениот фјорд, полека влегувате
во спој на старите градби наспроти модерната архитектура и безброј минијатурни
индустриски зони.
Железничката станица е централното јадро и главна почетна точка
за разгледување на градот за кое имав 12 часа до вечерниот воз за Трондхејм.
Едно мало шишенце обична негазирана вода од 37 норвешки круни ми посака
пријатно добредојде. Пријатен е и фактот кога ќе ги воочиш примерите од часовите
по Економија во пракса. Да, Норвешка практикува “економски национализам”, има
рестриктивна увозна политика и практично немав избор за друга вода освен тие
од домашно производство.
Осло е футуристички убав град со голем број
контрастни историски градби, но мојата дестинација беше Трондхејм. Гратче околу
550km северно од Осло и 300km јужно од северниот поларен круг.
Норвешки Железници преку рутата The Dovre Railway
(http://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=IQUaFa77XiE) го поврзуваат Осло со Трондхејм.
Ноќта кога патував немав можност во целост да го видам окружувањето, едноставно
присутно беше чувството дека континуирано се движиш кон најсеверната можна
точка на која некогаш си бил.
Трондхејм, студентски град кој се наоѓа во округот
Јужен Тренделаг, и неговата околина имаат убиствено убаво окружување и за момент ќе посакате
да останете таму засекогаш!
На станицата во 07 часот наутро ме чекаше Харалд,
организатор кој беше на нашиот летен курс во Скопје, при што со менување прво
на локален автобус, со кој ги средував првите впечатоци за градот, потоа со
трамвајот имав глетка на најколоритните куќички и по 15-ина минути искачување
(со куфери, да) стигнавме до најубавиот видиковец на градот - дрвената куќичка
во која со 24 партиципанти од различни делови од Европа бевме сместени во
првата половина од курсот. Последните денови ги поминавме во училиште во
градот, поради преголемата оддалеченост од Универзитетот.
Во рамки на кампусот на NTNU - The Norwegian
University of Science and Technology
се одржа академскиот дел од курсот, кој беше насочен кон скапоцената
течност - нафтата и нафтените платформи кои се честа слика во Северното Море,
постројки за бушилици и останати други за мене апстрактни, но корисни поими.
Организаторите ни ја доближија и локалната
необична храна, пробавме супа од брокули, чудни ќофтиња со слатко од сливи,
добропознатиот лосос, допревме до норвешката култура како нетипични туристи, а имавме
и кратко запознавање со основите на норвешкиот јазик.
Искусивме ноќен
wood crawling, каде на друго место поавтентично би ги доживеал приказните за троловите, норвешките митологии и легендите за принцези, дознавме дека жиците на
харфата имаат значење на скалила кои симболизираат повисоки нивоа на љубов. Сето тоа спакувано во неразбирлива јазична
рамка на имиња.
Останатиот дел од вечерите се дружевме преку најразлични игри и
забави. Имавме викингшки
кантус - цензурирано можам да го објаснам како игра исполнета со пеење J Потоа casino night,
интернационална вечер, sauna
crawling, chillout
movie night - си гледавме норвешки филмчиња пропратени со топло чоколадо
и marshmallow.
Преку City Rally-то паралелно
ја истраживме историјата и уметничките катчиња на градот каде што може да
конзумирате кафе во најромантичното кафуле.
Ја посетивме и Нидарос, најсеверната готска катедрала во
светот , ручавме на височина од 120 метри во Tyholt Tower, кула која на својот врв има ротирачки ресторан
со неверојатен поглед на целиот град.
Викендот беше резервиран за пливање и прошетка низ фјордовите на Трондхејм, обала
која е избраздена со тесни морски заливи. Потоа пеевме во музејот за рок музика - Rockheim
каде што можете да слушнете норвешка рок музика од 50-тите години па се до
денес или пак истата да ја отсвирите на некој инструмент, да го визуелизирате
начинот на живот низ декадите кои што имаат свој дизајн и ги покажуваат
различните аспекти на музичката историја
Моето детализирано раскажување за сите
волшебни места, предмети, природа и прекрасни луѓе на овој курс можат да не
одведат до Северниот пол и назад и до поларната светлина која поради
временските услови не ја доживеав.
Доколку главна асоцијација за земјата ви биле
стеротипите за студ и мраз, проширете ги хоризонтите на погледи, перспективи,
композиции и бои на една поинаква топла и бајковита Норвешка J и
аплицирајте на http://best.eu.org/student/courses/event.jsp?activity=8gcl527
Ана Милинковиќ
No comments:
Post a Comment