Петто издание на локалниот БЕСТ Инженерски Натпревар (EBEC) во соработка со Сеавус Едукативниот и Развоен Центар

Сосема случајно, така вообичаено започнуваат големите работи.  Случајно го видовме објавениот конкурс за EBEC 2013, случајно се пријавивме и (не) случајно победивме. Како апсолвенти, си ветивме дека токму оваа година ќе биде таа во која ќе учествуваме на оние настани кои поради одредени причини ги заобиколивме минатите години. И не погрешивме, бидејќи несомнено EBEC го разбуди натпреварувачкиот дух во нас и ни даде можност за докажување.

Логистички и организациски, BEST и Сеавус Едукативниот и Развоен Центар како подржувач ни понудија настан во кој е навистина чест да се учествува. И ова не се само ласкави зборови на победници, навистина е така. Тридневниот настан започна со дебата на тема "Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува " во кое учество земаа преставници од неколку компании, факултетите, студентските парламенти и самите учесници. Следните два дена беа резервирани за секоја од категириите Case Study и Team Design.

Четвртокот беше наш ден, ден за категоријата Case Study. Просториите на Сеавус Едукативниот и Развоен Центар собраа на едно место 24 инженери, 6 идеи за решавање на зададениот проблем и голема желба за докажување. Нашиот тим се вложи максимално во реализација на задачата, посветувајќи се и концетрирајќи се на реално решение кое ќе биде имплементациски и економски издржано. Успешната презентација беше онаа која овозможи нашата идеја да биде примена и разбрана на вистинскиот начин и кај судиите, а и помеѓу учесниците. И размислувајќи како да го завршиме третиот пасус забележуваме дека не го претствивме нашиот тим Fast Forward. Fast Forward е составен од студенти од ФИНКИ и ФЕИT: Филип Божиновски, Сашо Јадровски, Кристина Блажевска и Никола Анѓелковиќ.

Импресиите по натпреварот не можат брзо да стивнат, а и како би можеле кога нашиот тим отиде сосема неоптоварен со помислата за победа.  Победата на EBEC ни ги зголеми поставените амбиции и нашите критериуми. Она што е сигурно е дека ќе го дадеме најдоброто од себе за балканското првенство во  Ниш, а попатно  ќе уживаме во новостекнатите пријателства и размена на искуства кои со себе ги носат натпреварите.



Кристина Блажевска

No comments: