Импресиите на Ирена од летниот курс во Виена
Ова лето бев решена да го поминам на малку
поинаков начин од претходните. Знаев што е БЕСТ курс, и бев решена да отидам на
еден од нив. Така, мојата среќа беше неизмерна кога прочитав дека сум примена
на летен курс во Виена. Знаев дека пред мене
е нешто сосем ново и дека ме чека едно незаборавно искуство.
Да се учествува на еден ваков настан е вистинска
привилегија. Како партиципант на двонеделниот летен курс, мило ми е што ја имав
таа шанса. Останавме цели две недели, опкружени со магијата која ја нуди овој
град и со околу триесетина други студенти од Европа.
Триесет различни карактери, од различни земји и
култури, а сепак толку многу дружење и разбирање имаше меѓу нас. Неописливо е
чувството кога ќе запознаеш некоја нова личност, а веќе после неколку дена
чувствуваш како да сте пријатели подолго време. Секој ден учев нешто ново за
некој обичај или традиција за друга земја, и раскажував за мојата.
Кога
пристигнавме на автобуската станица не пречека еден од организаторите на
курсот. Притоа, мојот прв впечаток за Виена беше колку добро е се организирано
таму. Почнувајќи од сообраќајот. Ни беа потребни три транспортни средства за да
стигнеме до домот на сместување, а сепак не чекавме ни една секунда за
автобусот, метрото или трамвајот; се е прецизно, точно и по распоред.
Виена како град не маѓепса од прва, не знаеш на
која страна да се свртиш попрво. Прекрасен спој од барокна и модена
архитектура, секое ќоше наоколу е чисто и средено. Како за средина на јули,
нормално беше да се видат огромен број туристи од цел свет и цел тој културен
диверзитет функционираше сосем синхронизирано низ улиците на Виена.
За се да тече во најдобар ред се погрижија
тамошните членови на БЕСТ- Виена. Целата
организација беше во нивни раце и навистина беа многу грижливи и пријателски
настроени кон нас. Актовностите беа различни, почнувајќи од скара на прекрасниот Дунав, преку обиколка низ
градот и палатата Шенбрун, се до планинарење на Алпите.
Првиот ден видовме како Виенците уживаат во
убавините на реката Дунав; веќе следниот бевме на посета во кабинетот на
тамошниот канцелар, кој срдечно не пречека и ни раскажа дел од историјата и
начинот кој функционираат тие како раководство.
Ги видовме
и некои од најпознатите места типични за Виена како катедралата
на св. Стефан, националната библиотека, музејот на уметноста; прошетавме
по најпозната улица во центарот каде се наоѓа и најстарата слаткарница во
Виена.
Викендот кој следуваше беше исполнет со нешто
сосема ново за мене- планинарење по Шниберг, планина- дел од веригата на
Алпите. Првиот ден минувавме низ карпестиот дел од оваа планина- алпинизам во
вистинска смисла на зборот, додека вториот ја видовме другата страна на
убавината на Алпите-огромни површини зеленило и цвеќиња во сите бои. На враќање
се спуштивме и до Puchberg, мало градче во подножјето на планината.
За крај би го споменала и официјалниот дел од
курсот- предавањата. Темата беше „Game On: From Theory to practice“, поврзана со економија и моделирање на некои реални ситуации преку потези
на познати игри, за која на крајот требаше да изготвиме тимска презентација за
она што беше опфатено.
Како
што научивме нешто повеќе околу темата, така научивме и многу други работи кои
ни ги донесе ова искуство. Го доживеавме духот на една европска метропола и тоа
секогаш ќе ни остане во сеќавање. Затоа топло препорачувам, не испуштајте ја и
вашата шанса да доживеете ваква несекојдневна авантура. Прифатете го
предизвикот и осмелете се да аплицирате, и да ги проширите вашите искуства и
познанства ширум Европа.
Ирена Костовска
No comments:
Post a Comment