Импресии од beKNOWN8



Работилницата beKNOWN е настан кој е наменет за членовите на БЕСТ кои се заинтересирани да работат во областа на маркетингот и односите со јавноста. Еден многу важен елемент како за секоја организација или компанија, така и за нашата студентска организација. Маркетинг полето во БЕСТ е доста интересно и креативно, вклучува осмислување на маркетинг кампањи, дизајн на постери, изработка на видеа, веб страни и бидејќи се работи за студентска организација која таргетира млади луѓе, дозволува развивање на имагинацијата во сите насоки. Како студент по архитектура најмногу се пронајдов во ова поле, но освен моите познавања од дизајн, за жал немав некои особени познавања од маркетинг или односи со јавноста. Затоа решив да се пријавам на beKNOWN, зошто иако тоа е настан кој е прилично интензивен со тренинзи и предавања, знаев дека после него ќе се вратам подготвена да го применам целото знаење во БЕСТ Скопје и да го подобрам квалитетот на маркетинг тимот.

Веста дека сум една од 20-те избрани од многуте пријавени студенти од цела Европа ме израдува премногу, прво зошто ми се даде супер шанса да научам повеќе за она што ме интересираше, а второ зошто работилницата се одржуваше во Брно, Чешка, земја која сеуште ја немав посетено. Во Брно бевме пречекани од прекрасни организатори-студенти како нас, кои со голема посветеност се грижеа за се што ни требаше, а тренинзите и предавањата беа водени од тренери кои се исто така членови на БЕСТ. Тренерите посебно ме воодушевија, бидејќи беа сите млади луѓе, некои и помлади од мене, но сепак крајно професионални и посветени на она што го работат во нашата организација. За мене претставуваа бескрајна мотивација за да се пронајдам себеси во ова поле и ми дадоа можност да увидам дека можам да постигнам многу повеќе отколку што самата имав проценето за себе дека можам. Другите учесници беа исто така голема можност да научам нови работи, сите беа крајно мотивирани и заинтересирани на предавањата, а во она малку слободно време беа секогаш расположени за дружење и забава. Иако секој од нас доаѓаше од различна држава и културна позадина, сите заедно формиравме тим, станавме едно и се зближивме многу. На оваа работилница, освен што научив многу работи кои немаше на друго место каде да ги научам запознав и стекнав неверојатни пријатели со кои сеуште комуницирам и се надевам дека уште многу пати ќе ги сретнам во животот. Но најмногу од се, благодарна сум на она што го научив за себе и за огормната мотивација што овој настан ми ја даде да работам повеќе и постојано да се развивам. Му благодарам на БЕСТ што постои како организација и се надевам дека со мојата работа ќе вратам барем дел од она што тој на мене ми го даде.
И еве скоро една година подоцна, БЕСТ Скопје ја има честа да го организира и да биде домаќин на овој тренинг настан. Она што мене ме инспирираше и мотивираше да работам во БЕСТ Скопје изминатава година, доаѓа во Скопје и сите членови на БЕСТ Скопје имаат шанса да го видат и искусат од блиску. Се надевам дека магијата на beKNOWN и мотивираноста на учесниците кои доаѓаат ќе биде пренесена на нашите членови и тие како и јас ќе имаат голем бенефит од овој настан, како во полето на знаењата за нашата организација, така и лично. Организирањето е веќе започнато, работиме со љубов и се надеваме на уште еден успешен настан во организација на БЕСТ Скопје. Се гледаме на beKNOWN!

                                                                                                                                
Маја Даскаловска

No comments: