Наташа Митева - Учесник на RM Ankara Autumn 2015

1. Што претставува RМ Анкара на кратко, кои БЕСТ локални групи беа дел од него и колку луѓе имаше вкупно?
- RМ (Regional Meeting) е настан во БЕСТ кој се случува 2 пати во годината. Оваа есен беше во Анкара, а таму можеа да се најдат делегати од локалните БЕСТ групи, тренери, делегати од департманите во БЕСТ, еден претставник од интернационалниот борд на БЕСТ и регионалниот советник. Овие регионални состаноци најчесто траат од 4-5 дена и за време на истите делегатите можат да присуствуваат на најразлични soft skills сесии, на работни групи на кои можат да ја увидат работата на департманите, но и на припреми за претстојниот генерален состанок.
Во нашиот т.н. Егејски регион се локалните БЕСТ групи: Скопје, Ниш, Подгорица, Патра, Атина, Хања, Анкара, Истанбул и Измир. Па од сите претходно набројани групи по неколку делегати + тренерите + делегати од департмани, бевме околу 50тина студенти на овој настан.

 2. Какви се' сесии имаше и која беше твоја омилена?
- Тоа беа всушност soft skills сесии, за време на кои преку многу интерактивен, интересен начин, неприметливо учиш на пример трикови за подобрување на твојот time management или како да го подобриш начинот на кој даваш feedback на луѓето кои работат со тебе (ова на пример многу ќе ми е од корист кога ќе се вработам после студиите). Споменав само две од многуте на кои присуствував, но како омилена би ја издвоила сесијата за ефективни состаноци. Сите сакаме да дојдеме на состанок и да дискутираме на одредената тема и брзо да завршиме со работата, но потоа сфаќаме дека сме заглавиле со саати затоа што не била ефективно водена дискусијата. На таа сесија сфатив дека е прелесно состанокот во организацијата да биде непродуктивен, воочив кои работи треба да се избегнуваат и научив како треба да се води еден ефективен состанок.



3. Покрај сесиите, дали имаше време да шетнеш и во Анкара?
- Мотото на овој настан е Work hard, party harder! За време на настанот бевме на сесии од 9 сабајле до 9 вечер (секако, со паузи за кафе, ручек и слично), а после вечерата имавме забави кои беа организирани само за нас. Поради тоа не бевме во можност во тие 5 дена да шетнеме во Анкара, нооо убавината во овие настани е тоа што никој не те спречува да дојдеш неколку дена порано или да си одиш неколку дена покасно, па тогаш да си се прошеташ по твој мерак. Јас бев таму 4 дена пред настанот, се изнашетав што се вика „за сите пари“! Се сретнав повторно со студенти од БЕСТ со кои сум се запознала на претходни настани, запознав една нова култура (која не е многу поразлична од нашата, но секако си има разлики), а и ми се исполни желбата да го посетам мавзолејот на Ататурк ( кое е ооогромна градба и ги магепса дури и тие кои не се љубители на историјата )! Апсолутно вреди да се посети Анкара, а уште подобро е доколку тие денови ти се изрежирани од членовите од БЕСТ! :)

Никола Јовановски - Учесник на RM Delft Autumn 2015

1. Кажи ни што претставува RМ Delft на кратко. Кои BEST локални групи беа дел од него и колку луѓе имаше вкупно?

-Regional Meeting Delft 2015 е интернационален настан кој се случуваше оваа есен (14.10 - 18.10) во холандскиот град Делфт, при што членовите се запознаваат подобро со функционирањето на BEST преку учествување на тренинг сесии за меки вештини.
Можат да учествуваат поискусни но и понови членови на BEST. Присуствуваат и тренери и кординатори од интернационалните тимови,регионалниот советник и претставник од интернационалниот борд. Но тука се и членовите од партнерската студенска организација BONDING, како и партиципанти кои се надвор од регионот, како на пример што бев јас. :)
Конкретно присуствуваа 9 локални BEST групи: Делфт, Брисел, Брисел УЛБ, Парис Супелек, Лиже, Торино, Рим,Нанси и Ерланген. Па така си запознав мноогу нови пријателчиња од овој северо-западе регион.

 2. Какви се сесии имаше и која беше твоја омилена?
-Меки вештини, case study за подобрување на Регионот и BEST, работилници од Интернационалните тимови и извештаи за тековните проекти.
Најомилена сесија ми беше работилницата од страна на ТиГро (Интернационалниот Тим за Тренирање) во која ни презентираа како се организира тренерски настан координиран од нивна страна.

3. Што очекуваше да научиш од сесиите и дали тоа се оствари?
-Очекував да дознаам и да бидам воведен повеќе во интернационалното работење на нашата организација и да присуствувам на тренинг за некои меки вештини кои не сум знаел дека постојат.
Моите очекувања се остварија тотално,еве ме си се вратив во Скопје со проширени хоризонти, многу знаење и огромна мотивација.

4. Покрај сесиите,дали имаше време да шетнеш и во градот?
-Да да секако, не шетавме само во центарот на Делфт, туку организаторите ни организираа и специјална посета на универзитетската зона на Техничкиот Универзитет, кој е всушност и еден од најдобрите политехнички универзитети во Европа. Како една од најинтересните активности би можел да го издвојам екстремното качување на карпи во специјализирана тренинг просторија.
Сите оние кои што се сте размислувале за учествување во ваков тип на настан - не двоумете се, ќе запознаете мноогу нови пријатели, прекрасни спомени а и неверојатно е со колку многу ново знаење ќе се здобиете.
 



Стефан Серафимоски - Летен состанок на finTeam

1. Твоето лето помина на малку поразличен начин. Раскажи ни нешто околу тоaТокму така, моето лето помина малку поработно од вообичаено лето на какво сме навикнати, но сепак успеав да се забавувам и да запознаам нови места и нови култури. Наместо на одмор или летен курс бев на летен состанок на комитетот за корпоративни односи на интернационално ниво (SM finTeam) кој се случуваше од 16 до 25 август во Варшава.



2. Што се случуваше на тој настан?
- Се работеше за доста интересен настан, на кој ние, членовите на комитетот за корпоративни односи на БЕСТ, имавме тренинзи од областа која ја работиме, а воедно, заедно со менаџментот на комитетот, ги дефиниравме целите и плановите за претстојната година. Но сепак, освен тоа успевавме добро да се забавуваме и да ја запознаеме полската култура и храна преку одлично организирани забави, како на пример полската вечер, каде пробавме од најпознатите полски специјалитети и ги научивме нивните национални танци. На настанот имаше учесници од преку 12 различни европски држави, секоја со различен јазик и култура.


3. Што работи комитетот за корпоративни односи?
- Како што името кажува, ние во комитетот за корпоративни личности сме доста мотивирани студенти од цела Европа кои на интернационално ниво работиме на соработка со големите интернационални компании, како Deutsche Bahn, Dell, Whirpool и многу други. Тие ја поддржуваат организацијата финансиски и преку учество на големите интернационални настани кои ги организираме, како на пример BEST Career Day кој ќе се одржи на 1 април 2016. Воедно компаниите се активни корисници на нашиот интернационален центар за кариера, во кој свои податоци и апликации имаат оставено преку 37 000 студенти од преку 95 технички универзитети на ниво на цела Европа. Тоа е голем систем кој треба постојано да се одржува, па тука настапуваме ние, кои како мотивирани и тренирани студенти во таа област контактираме со компаниите преку повици, состаноци и онлајн конференции.

Сара Коцевска - фотограф на EBEC Final 2015

1. Кажи ни нешто на кратко за EBEC, каков настан претставува и кој се може да учествува.
-EBEC е инженерски натпревар наменет за студентите кои имаат можност да ги покажат своите вештини, својата креативност и досетливост. Овој натпревар е одлична забава, кретивност и шанса да се истакне натпреварувачкиот дух. Победниците на локалното ниво одат понатаму на регионално ниво, од кадешто имаат шанса да одат на крајното европско ниво. Како натпреварувачи може да учествуваат само членови кои не се во Локалната BEST група, додека како организатори пак само членовите. 


2. Подобјасни ни што вклучуваше твојата функција, и на кратко опиши ни еден ден.
-Оваа година EBEC Final се одржуваше во Порто, Португалија од 31ви јули до 14ти август. Имаше 120 партиципанти и околу 60тина организатори (на локално и интернационално ниво) Јас аплицирав и бев избрана за фотограф, па мојата задача беше да доловам уникатни моменти за да можат и оние кои не присуствувале да видат што се случува.
Како ни изгледаше еден ден? Најпрво, наутро станувавме околу 8 часот, а веќе во 9 почнувавме со извршување на своите задачи. Додека партиципантите ги спремаа своите говори и дискутираа за идеи, никој од организаторите не смееше да им пристапи во тој период , освен ние фотографите :P Имавме обезбедено доручек,ручек и вечера а се работеше се до 19 часот,вклучувајќи ги и паузите. Секоја вечер, ние организаторите имавме состанок каде дискутиравме за она што се поминало и што ни следува наредниот ден. По завршувањето, секако и се забавувавме.

3. Колку предзнаење ти беше потребно за оваа функција и колку научи по завршувањето на настанот?
-Предзнаење во полето на фотографија имав и од претходно меѓутоа таквата средина каде буквално во секоја секунда се случуваше нешто интересно ми дозволи да ги подобрам своите вештини уште повеќе. На некој начин, како доказ можеби е и есенскиот натпревар по фотографија, во категоријата ''BEST Engineering Competitions'' на кој го освоив првото место со фотка токму од таму. 

4. Каква ти беше соработката со тимот, но и со партиципантите?
-Работев во тим со уште 8 прекрасни луѓе кои за тие 15 дена ми станаа како фамилија. Имавме еден координатор, а конкретно во полето на фотографија бевме двајца. Заедно си помагавме неверојатно многу и навистина зачудувачки е колку научив за координацијата и работата во тим. Со партиципантите се дружевме многу и успеав да се запознаам со поголемиот дел од нив и тоа го гледам како еден огромен плус при присуство на ваков интернационален настан бидејќи создадов познанства и пријателства од секаде. Со некои и сеуште комуницирам секојдневно.

5. Каков однос имавте вие - организаторите и учесниците со компаниите?

-Јас,како и целиот Медиа тим бевме во постојан контакт со компаниите кои беа поддржувачи на настанот пред се поради промоцијата која како студентска организација им ја нудиме. Голем дел од учесниците добија и можност да имаат приватно интервју со компаниите како DELL, REPLY, DEUTSCHE BAHN, SAKTHI, COLQUIMICO. Затоа сите оние кои не сте членови на BEST ве охрабрувам да се пријавите најпрво на нашиот локален EBEC па да стигнете и вие до тука ;) 





За крај, стиснете ТУКА каде ќе може да ги видите фотографиите на официјалната facebook страна на EBEC. 
А ТУКА за да го погледнете видеото кое го изработивме како сумација од целиот настан.

Ева Петреска - Главен организатор на ЛАК 2015

1. На кратко објасни ни што е ЛАК и што значи да се биде главен организатор. Поточно, кои беа твоите должности, со кого работеше и слично.
- ЛАК е кратенка за Летен Академски Курс,  и тоа според мене е еден од најубавите настани на нашата студентска организација. Ова беше 13тото издание и се оддржа од 30 јуни до 10 јули, од кои 7 дена во Скопје и 3 во Охрид. На настанот присуствуваа околу 25 партиципанти и околу 30 гости од цела Европа. Темата на курсот беше Хидроенергија и за истиот имавме соработка со Машински Факултет. Но, по предавањата кои се преку ден, ние се обидовме во најголема мера да им ја претставиме културата на Македонија, со прошетки, посети на локали, на Матка, Водно и слично и разни тематски забави и игри кои беа наменети да се запознаеме сите и тие да си заминат со прекрасни спомени од настанот.
Како главен организатор главата должност е да се организира се ова во најдобар ред и со најмногу насмевки на лицата на сите присутни. Што секако е невозможно од еден човек, па затоа ние многу поддржуваме тимска работа. Јас имав еден прекрасен тим составен од 11 луѓе, секој задолжен со различен аспект од организацијата (маркетинг, односи со компании, логистика, одговорни за партиципанти, итн. Cекако имаме различни работни групи каде секој од членовите на БЕСТ помага, па знам дека без сите овие луѓе немаше да биде настанот тоа што беше!

2. Која беше твојата главна мотивација за пријавување на ваква функција и што ново научи по завршување на настанот?
- Главната мотивација ми беа луѓето. Знаев дека ќе имам шанса да работам и да запознаам толку многу прекрасни луѓе, со некои од кои и денес комуницирам. И знам дека можам да посетам толку многу места низ Европа каде ќе видам познато лице и ќе имам домаќин, личен туристички водич и пријател се во едно. A доколу би почнала да набројувам што научив, никој нема да сака да го дочита ова до крај, па би рекла веројатно најбитните работи беа time management и делегирање.


3. Како отприлика беше организиран еден ден на курсот? Колку организатори од Скопје беа активно вклучени а колку партиципанти имаше ?
-Епа, секој ден има по еден член кој е одговорен за тој ден и околу 30ина до 40 бестовци вклучено во различен дел од денот, според логистичкиот распоред. Но, вака се тоа можеби звучи малку формално, верувајте е еден презабавен процес. Пример за тоа е кога во една ситуација требаше да се чисти, решија некои од членовите да пуштат музика и да огранизираат мини забава со танцување и многу смеење. 


4. Кој ти беше омилен ден / активност?
-Хмм, мислам дека ова прашање ми требаше исто време да го размислам како сите предходни, но би рекла еден од деновите во Охрид. Дента ја поминавме со огранизирање на прошетка низ градот, со организација на водени игри и просто со одмарање на плажа што мислам дека беше и моментот кога сите од нас најмногу се запознавме и моментот кога стварно се почувствувавме како членови на еден микрокосмос, на една вистинска група и беше еден од тие денови кои сакаш да трае барем уште малце подолго. 

Повеќе фотки можете да погледнете тука.

Мотивациски Викенд Охрид - јуни 2015

Кога ќе слушнеш, прочиташ, видиш на ТВ за нешто ново, љубопитноста најмногу расте, достигнува највисоко ниво. БЕСТ е нешто што за мене не беше толку ново, колку што ми беше непозната авантурата која непрестајно ги следи БЕСТовци на МОТИВАЦИСКИТЕ викенди. Оваа „тајна“ авантура постојано ми ја раскажуваа, опишуваа, но овојпат не им дозволив, се пријавив за главен организатор – ме одбраа и ги искусив најпрекрасните моменти во БЕСТ.


Како и името кое го носи овој мал настан, со таква цел и се организира. Најглавен „елемент“ е пред сè пријателството, чие создавање и одржување е најважен фактор за сите. Тим билдинг игрите, дневните активности и тематските забави е токму тоа што ја одржува пријателската врска.

Додека, пренесувањето на знаење и т.н. сесии одржувани од алумните членови на БЕСТ, се вториот поважен „елемент“. Темите на сесиите: BEST Identity, Public Speaking, Leadership и Feedback придонесоа на овој мотивациски викенд подoбро да се запознаеме со БЕСТ како организација и да научиме нешто повеќе, надвор од факултетските клупи. Звучеа толку познато, но ни приближно јасно, затоа  нашите тренери за овој мотивациски Маја, Матеј и Никола, одлично подготвени и расположени работеа со нас за да ја поттикнат мотивацијата која ни е потребна, со цел нашата волонтерска работа да биде уште поуспешна.

Како главен организатор, од аспект на организирањето на овој настан, можам да кажам дека не се чувствував така. Зошто? Бидејќи секоја задача, сè што беше потребно да се направи за овој викенд  да се најде во низата на тие возбудливи авантури се работеше секогаш тимски. Желбата за да ги искусам најзабавните моменти со БЕСТовци конечно ми се исполни! Еве како може да Ви ги доловам накратко: Кога на едно место се собрани 60тина позитивни студенти, едни седат на летниковецот во дворот и пејат песни, некои се во просторијата за сесии и играат тим билдинг игри, други подготвуваат вечера со насмевки на лицето.
Нема тетратка со доволно страници, во која може да се запишат импресиите. Им благодарам на сите БЕСТовци кои овој Мотивациски викенд за мене го направија незаборавен.

Еми Анѓелковиќ

Мотивациски Викенд Караџица - април 2015

Да се биде дел од тимот на БЕСТ е прекрасно чувство што е тешко да се долови со зборови. Енергијата која владее во организацијата зрачи и исполнува и со цел да се одржи ваквата енергија потребно е членовите добро да се познаваат меѓу себе и постојано да се мотивираат. За да се постигне ова редовно се организираат мотивациски викенди. Овој пат честа да бидеме главни организатори ја имавме токму ние, Стефи и Влатко.



Од 17-19 април се одржа уште еден, не помалку легендарен од претходните, мотивациски викенд во Караџица. Подготовките вклучуваа три неделно организирање на превоз, сместување, сесии и секако најдобри забави за луѓето кои почнуваш да ги гледаш и сакаш како најблиско семејство. Во текот на подготовките наидовме на препреки кои ништо не и можеа на нашата тимска работа и не нѐ спречија да успееме во нашата мисија да организираме вистински БЕСТовски, незаборавен викенд. Бидејќи оваа функција и за двајцата беше првото одговорно искуство во БЕСТ, помошта и поддршката која ја добивме од бордот и целото членство беше повеќе од добредојдена.

Трите дена во Караџица прелетаа брзо (исто како и патот до таму :P). Тоа се случува кога си опкружен со исклучително забавни, позитивни и мили луѓе. И иако не одеше сѐ според планот и ја имавме таа (не)среќа да ни снема струја, сепак си поминавме најубаво. Имаше смеење до солзи, се стекнаа нови пријателства (дури и интернационални бидејќи имавме гостин од Турција), се проширија нови трачеви, се уживаше во прекрасниот поглед од планинарскиот дом и се поднаучи информација повеќе за работата на БЕСТ.


Апсолутната среќа која ја чувствуваш во моментот кога ќе те изберат за главен организатор двојно се зголемува кога ќе добиеш позитивен фидбек од сите присутни на мотивацискиот викенд и ќе знаеш дека твојата работа придонела за кревање и одржување на БЕСТовскиот дух. Бевме присутни на еден мотивациски викенд за кој се погриживме уште долго да се зборува.

13ти роденден на БЕСТ Скопје

За повеќето март е месец на пролетта, но за нас БЕСТовци – март е месец за роденденска журка! По повод 13тиот роденден на БЕСТ, на 7ми март беше одржана најоткачената роденденска забава во Скопје (а можеби и пошироко), кога БЕСТ Скопје конечно стана тинејџер!
По исцрпни две недели поминати во подготовки и планирање, се журкавме во клуб Penguin на најсветски начин - со забава на тема Around the world! Нè имаше од секаде - Шпанија, Франција, Шкотска, Африка, Америка, Русија, Англија, Хаваи и многу други земји.

За нас, Main Organisers, организирањето на роденденот како прво и најинтересно искуство досега во БЕСТ можеме да кажеме: We had the time of our lives! Целиот процес на планирање се одвиваше во рок од 2 недели, ја одбравме темата на работната група каде присуствуваа околу 25 БЕСТовци полни со идеи. Таму назначивме одговорни за маркетинг, спонзорства и музиката. Ние заедно со нашето тимче си работевме, маркетинг ни направија совршен постер (кој што го забележавте горе на статијата), слаткарниците беа дарежливи и ни направија преубави торти, а беше пуштена и листа на мејл каде секој си придонесе со две-три хитчиња. Откако го најдовме најдоброто место за журката – Penguin Club, се потрудивме да посветиме многу внимание на деталите и украсите за да направиме ептен Around the world атмосфера.

Планирањето знаеше да ни одземе повеќе време, но сè тоа вредеше бидејќи крајниот резултат беше одличен! Имавме неколку стресни моменти – како на пример невозможната мисија да донесеме огромна табла од канцеларијата до клубот и назад – но, сега знаеме дека барем имаме навистина забавна приказна за раскажување.

На крај, доживеавме какво е задоволството да добиваш позитивен фидбек од сите кои што присуствуваа на забавата! Презадоволни сме од тоа како сè испадна, од гостите (коишто го испочитуваа дрес кодот) и од сите што ни помогнаа роденденот да го достигне својот највисок потенцијал! Едноставно така функционира БЕСТ Скопје како организација, а почитта и работата водат кон успех и најубави журки – тоа што нè привлече и на самиот почеток – пријатната атмосфера и амбициозен дух. Сите среќни и задоволни (6те торти ептен помогнаа во тоа) се изнажуркавме најмногу што можевме и навистина си поминавме најубаво на свет! ;)

Ве сакаат Јана и Мила!