EBEC, БЕСТ и Јас...

Температурите опаѓаа, а еуфоријата во БЕСТ растеше, се ближеше EBEC – инженерскиот натпревар. Растрчани на сите страни, членовите се трудеа се да биде организирано до најмал детал. Се мораше да биде совршено. А и беше. Барем тие што беа дел од настанот знаат. Оваа година возбудата ја пренесовме во просториите на Seavus Education & Development Center, каде се одржуваше настанот од 4 до 6 декември.

Се започна со свеченото отварање, и форумската расправа на тема „Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува". Интересно е да се слушнат мислењата на претставници од компаниите, професори, а и самите студенти. Засегнати од овој проблем, сите ги изнесоа своите ставови и мислења за тоа како да се надминат разликите и колку всушност се превзема во моментот.



Вториот ден беше резервиран за првата категорија од натпреварот, односно Case study. Во овој дел се натпреваруваа 6 тима, кои имаа задача да дизајнираат робот кој ќе управува со отпад. Овде најдобро ја прикажаа имагинацијата и креативноста, но и дел од своите знаења. Бев импресионирана од тоа колку детално беше разработена темата, и колку креативни решенија беа презентирани. Сепак, еден тим се истакна од другите, а тоа е Fast forward, кои ќе не претставуваат во овој дел од натпреварот во Ниш.



На третиот и последен ден од EBEC, уште 6 тима имаа можност да ги покажат своите способности во категоријата Team design. Овде натпреварувачите дизајнираа Слободнолетачки Мали Авиони наречени Гумењачи, бидејќи погонот на кој се движат е гумен ластик. Освен функционалниот дел, требаше да се обрне внимание и на дизајнот. 6те тима одлично ја сработија задачата, и многу се забавувавме за време на презентацијата, кога се летаа авиончињата. Деталните пресметки на тимот Orange и добрата презентација им ја донесоа победата и шансата да не претстават на балкаскиот EBEC. Но, на некој начин сите беа победници со самото тоа што учествуваа во натпреварот, дадоа се од себе, и го покажаа тимскиот дух.



Ова навистина беше прекрасно искуство за мене, како нов член на БЕСТ, и сум сигурна дека и во иднина ќе продолжиме да организираме успешни настани.

Данче Лазарова 

Петто издание на локалниот БЕСТ Инженерски Натпревар (EBEC) во соработка со Сеавус Едукативниот и Развоен Центар

Сосема случајно, така вообичаено започнуваат големите работи.  Случајно го видовме објавениот конкурс за EBEC 2013, случајно се пријавивме и (не) случајно победивме. Како апсолвенти, си ветивме дека токму оваа година ќе биде таа во која ќе учествуваме на оние настани кои поради одредени причини ги заобиколивме минатите години. И не погрешивме, бидејќи несомнено EBEC го разбуди натпреварувачкиот дух во нас и ни даде можност за докажување.

Логистички и организациски, BEST и Сеавус Едукативниот и Развоен Центар како подржувач ни понудија настан во кој е навистина чест да се учествува. И ова не се само ласкави зборови на победници, навистина е така. Тридневниот настан започна со дебата на тема "Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува " во кое учество земаа преставници од неколку компании, факултетите, студентските парламенти и самите учесници. Следните два дена беа резервирани за секоја од категириите Case Study и Team Design.

Четвртокот беше наш ден, ден за категоријата Case Study. Просториите на Сеавус Едукативниот и Развоен Центар собраа на едно место 24 инженери, 6 идеи за решавање на зададениот проблем и голема желба за докажување. Нашиот тим се вложи максимално во реализација на задачата, посветувајќи се и концетрирајќи се на реално решение кое ќе биде имплементациски и економски издржано. Успешната презентација беше онаа која овозможи нашата идеја да биде примена и разбрана на вистинскиот начин и кај судиите, а и помеѓу учесниците. И размислувајќи како да го завршиме третиот пасус забележуваме дека не го претствивме нашиот тим Fast Forward. Fast Forward е составен од студенти од ФИНКИ и ФЕИT: Филип Божиновски, Сашо Јадровски, Кристина Блажевска и Никола Анѓелковиќ.

Импресиите по натпреварот не можат брзо да стивнат, а и како би можеле кога нашиот тим отиде сосема неоптоварен со помислата за победа.  Победата на EBEC ни ги зголеми поставените амбиции и нашите критериуми. Она што е сигурно е дека ќе го дадеме најдоброто од себе за балканското првенство во  Ниш, а попатно  ќе уживаме во новостекнатите пријателства и размена на искуства кои со себе ги носат натпреварите.



Кристина Блажевска