Уште едно БЕСТ патување и многу нови пријатели

Кога за прв пат прочитав дека сум примена на курс во Љубљана , како партиципант, не можев ни да сонувам колку убаво искуство ќе биде тоа за мене. Беше преубаво искуство но истовремено и многу поразлично патување од сите мои претходни. Љубљана е преубаво мало гратче каде од едниот до другиот крај може да се стигне пешки, преку убавите улички, безбројните мостови на реката Љубљаница и секако многуте кафетерии каде народот ужива во убавината на ова магично место. Колку е убава Љубљана, исто толку е убав и остатокот од Словенија, земјата која зрачи со природни богатства. Безброј шуми и реки, езера и пештери се само дел од пејсажите кои ми го запираа здивот.


Од сите нешта што ги видов, морам да го издвојам езерото Блед, како посебно место, место кое ме потсети многу на шармот и убавината на Охрид.
А за да не прејде текстов во туристички водич за убавините на Љубљана и Словенија, да напишам и збор два за гостопримливоста на нашите домаќини, студентите од БЕСТ Љубљана кои се погрижија овие 10 дена да ми бидат едни од најдрагите до сега. Преку многу забава и дружење ни го претставија животот во Словенија, ни обезбедија предавања на тема шумарство, како не запознаа со нивното најголемо богатство шумите. Не запознаа со сите краеви на Љубљана, дискотеки , кафичи, не однесоа на позната Метелкова, бевме гости и на градоначалникот на Љубљана. Ни ги исполнија деновите со среќа и смеа и за тоа крајно сум им благодарна.



И што уште да кажам освен дека посакувам на секој студент да доживее курс како мојот, да посети земја која е преубава, да се запознае со други 40тина студенти од странство и со дел од нив да остане во многу добри односи, да научи нешто на тема надвор од нивните студии и да го прошири хоризонтот на својте размислувања.
Дечки , аплицирајте и запознајте се со магијата која БЕСТ ја нуди за секого, а Љубљана , ние ќе се видиме повторно, јас сум сигурна!







Наталија Најдова



No comments: