Мартина Папалиска и Евгенија Цветановска - Мотивациски викенд

1. Каде беше одржан мотивацискиот викенд и каква беше атмосферата таму?

- Мотивацискиот викенд беше одржан од 11-13 декември во планинарскиот дом Вртешка, на наша огромна среќа викенд со преубаво, сончево време. Ова беше нашиот прв мотивациски викенд откако сме членови во БЕСТ и само со еден збор да кажеме дека сме презадоволни не може доволно да го долови чувството, со оглед на тоа што сепак сè уште си ги собираме импресиите од тие 3 дена. Запознавање на нови пријатели, зближување со оние кои веќе ги познаваш, забава каква што со сигурност не може да се најде на друго место, интересни муабети додека се буткаме за топло место пред каминот и еден куп преубави спомени е она што секој од нас го доби како плус искуство од овој викенд.



2. Како изгледаше еден од деновите? 

- Денот таму ни започуваше со едно интересно будење од страна на оние кои поради некоја причина беа будни уште во 8 часот сабајле (меѓу кои и ние две :D), па веднаш потоа по доручекот следуваа team building игри, односно мали игрички со цел подобро меѓусебно да се запознаеме придружени со многу забава и смеење. Она што следуваше е всушност главниот дел од мотивацискиот викенд, а тоа се сесиите. За оваа цел беше дојден Адам, тренер од БЕСТ во Солун кој ги држеше овие сесии, со кого имавме прекрасно искуство бидејќи тој беше навистина спремен за сесиите и даде сè од себе да ги приближи до нас и притоа да ни биде интересно и постојано да имаме интеракција и активно да учествуваме во нашите сесии.
Првата сесија беше на тема
BKT (Best knowledge transfer), при што имавме можност да дознаеме сè за БЕСТ како организација, почнувајќи од раните почетоци до денешната структура и начинот на функционирање.

Сесијата пак од вториот ден беше за 
Feedback, односно што вистински означува, какви видови има и како правилно да дадеме повратен одговор на некој кој го побарал или не го побарал тоа од нас. На крајот на вториот ден имавме и Alumni Stories, интересни приказни од алумните за нивните искуства во БЕСТ, како и многу корисни совети од прва рака. После ова имавме и мини кино, каде што го гледавме анимираниот филм Hero 6, по иницијатива на Бинаса, нашиот HR (human resources), а по завршувањето на филмот следеше и објавување на апликацијата Baymax, каде што секогаш кога таа нема да може да биде физички присутна со нас, ќе можеме да бидеме поврзани со неа, во врска со какви било проблеми кои би можеле да ги имаме (можеби и најемотивниот дел од мотивацискиот викенд).
И на крајот на секој ден, доаѓа забавата! Многу музика, танцување, забавување, повторно некои мали игри и еден куп незаборавни спомени!

 
3. Кога ќе има следен пат ваков мотивациски викенд и кој се може да се приклучи на истиот?
- Наредниот ваков мотивациски викенд ќе се оддржи кон почетокот на март и ќе биде отворен за сите членови на БЕСТ, но секако и за оние кои што би сакале да се приклучат во нашата организација. Ние нестрпливо ги броиме деновите до следниот, а вие?

 

 Повеќе фотографии може да погледнете ТУКА.





Симона Милошевиќ и Андреј Ќосевски - дел од тимот на beRICHER

1. Каков настан е beRICHER? - Работилницата be [R]aise [I]ncomes by [C]ooperating [H]onestly with [E]xternal [R]esourses е интерен настан кој се одржува еднаш годишно, па така оваа година од 21ви до 29ти ноември се оддржа токму во Скопје. 20 студенти, членови на БЕСТ од цела Европа имаа шанса да присуствуваат на сесии одржани од интернационални тренери на БЕСТ и да научат многу нешта од областа на fundraising, корисни не само за нив туку и за организацијата на интернационално ниво. Овие тренинг сесии се направени се со цел студентите да ги подобрат своите комуникациски вештини, да научат како да се однесуваат за време на состаноци, да дознаат за најкорисните трикови при телефонирањето и предизвиците од соочување со претставници на компании, како и што се крие во невербалната комуникација.


2. Како беше организиран еден ден на ваков тип на настан и каков вид на сесии точно имаше?
- Дневно настанот започнуваше со појадок, кој после тоа веднаш почнуваа сесиите за подобрување на комуникациските вештини, преговарање, и сл.  сите распределени во координација со планот за работа на тренерите. Во текот на тренингот имаше и изведба на симулации и вежби, за соочување со претставници на компании, како и за професионално однесување за време на состаноците. Покрај едукативниот дел, учесниците имаа можност да го видат нашиот град и да се запознаат со културните и историските обичаи и знаменитости на Македонија. Благодарение на спонзорите и на поддржувачите на настанот, партиципантите и тренерите вкусија дел од македонската кујна и гостопримливата атмосфера на различни локации од градот. И за крај студентите имаа шанса да ги презентираат нивните традиционални јадења и пијалоци, народни носии, песни и танци, на добро познатата Интернационална вечер



3.Која беше твојата функција и како се снајде во неа?

-Симона:  Како дел од ова издание на тренинг работилницата - beRICHER16, бев одговорна за PR и Social Media, односно одговорна за односи со јавноста и промовирање на настанот по социјалните мрежи.  Севкупниот впечаток од  самото организирање на едукативен настан од овој тип, ми овозможи мене како студент да го распознаам светот на ПР на едно друго ниво како и предизвиците кои доаѓаат со него. Работејќи во тим со прекрасни БЕСТ-овци, можеше да се осети тимскиот дух и чувство на сигурност дека имаш луѓе на коишто можеш да се потпреш за помош при организацијата на настанот, ми ја зголеми мотивацијата за работа и за превземање на поголеми предизвици во иднина.

-Андреј: Мојата функција како дел од кор-тимот за овој настан беше да се погрижам за дневните и ноќните активности на учесниците што вклучуваше дневни посети и разгледување на Скопје и посета на езерото Матка. Од друга страна за ноќните активности тие беа запознаени со ноќниот живот во нашиот главен град. Ова беше моја прва функција како дел од кор-тим во мојата скромна кариера во БЕСТ и не само што научив многу, туку и пријателствата и искуствата кои ги добив вредат многу. Учесниците беа задоволни и сигурен сум дека ќе ни дојдат дури и без некој посебен повод повторно. Како и сите други настани што ги организира нашата студентска организација и овој беше успешно реализиран па мотивирани продолжуваме и понатаму.


Повеќе фотографии може да погледнете ТУКА.

Димитар Таневски и Бинаса Дрндар - Главни организатори на OHrid JAM 2015

1. Што претставува настанот OHridJAM???

-OHrid JAM е еден вид на културна размена на интернационално ниво, помеѓу членовите на БЕСТ. Настанот се одржа од 2ри до 5ти Октомври, во хотелот Бетон покрај Охридското езеро. Најголема причина за организирање на оваа размена ни беше можноста за повторно да се видиме со другарите од другите земји, да им ги покажеме македонските знаменитости и обичаи, и секако остварувањето на нови пријателства.



2. По кој пат го организирате и колку учесници имаше?
-OHrid JAM 2015 е трет по ред настан од овој тип кој што БЕСТ Скопје го организира. Она што е убаво за ваквите настани е токму дружбата помеѓу млади луѓе од различни земји. Оваа година имавме околу 150 учесници и тоа од Португалија, Турција, Италија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Данска, Шпанија, Србија, Шведска, Белгија, Франција, Норвешка, Русија,Романија, Украина, Словачка и Германија. 


3. Според фидбекот кој го добивте од учесниците, која им беше омилена дневна а која ноќна активност
-Омилена дневна активност им беше крстарењето со брод по Охридското езеро. Додека пак од вечерните забави, омилени им беа интернационалната вечер, на која што беа презентирани разновидни традиционални јадења и пијалоци од сите присутни земји, и забавата со флуоресцентни бои. 


4. Претставете го својот тим со кого соработувавте и на кратко опишете како ви течеше соработката?
-Ние двајца бевме главните организатори на овој настан а нашиот тим беше составен од вкупно 9 суперхерои кои што, секој со својата посебна моќ, успеа да изреализира еден прекрасен настан. Мало објаснување во врска со суперхероите. Како и самиот настан кој што беше тематски и на секој учесник му беше доделена посебна моќ, така и во самиот Кор Тим секој поединечно беше суперхерој. Енергијата и посветеността која секој Кор Тимовец ја имаше кон настанот придонесе за супер комуникација и соработка. Овој тим беше тим по дефиниција, работевме и размислувавме како едно. Одлична дружба и уште поодлична завршена работа. 




5. Која ви беше мотивацијата да бидете главни организатори на ваков настан? 
-Димитар: Член сум на BEST повеќе од две и пол години, и до сега сум учествувал на скоро сите видови настани коишто се организираат и на локално и на интернационално ниво во нашата организација. Најмногу од сите ми се допаѓаат така наречените JAM-ови, и затоа кога беше решено дека ќе организираме настан од ваков вид, решив да се пријавам за главен организатор. Најголема мотивација ми беше можноста да бидам домаќин на сите учесници, остварувањето на многу нови пријателства, и секако желбата да бидам дел од еден супер тим со чија помош направивме незаборавен настан и за нас, и за сите учесници.
-БинасаМоето БЕСТовско патување започна токму на настан од овој вид, па така штом беше пуштен повикот за главен организатор на ЏЕМот, не се двоумев ни секунда. На вакви настани најчесто се среќаваат стари пријатели, се стекнуваат нови, има одлична дружба и споделување на БЕСТовски приказни и искуства. Токму овие работи беа мотивацијата да се пријавам за главен организатор, за да водам и бидам дел од тим кој што ќе организира едно вакво кул случување. И сега, откако се помина, можам да кажам дека беше едно од најубавите искуства во мојот живот.


повеќе фотографии може да погледнете ТУКА.