Јас и BEST и Јас и BEST таму!

На дваесет и пет и уште нeшто и на неколку испити и уште помалку до дипломирање јас им пристапив на една дружина млади (всушност, секако помлади од мене) луѓе кои заедно се викаат едно- BEST.
Личен е впечатокот и некако интимен за да го споделам со минимум два милиони потенцијални читатели на текстов затоа одлуката е да си го таам во себе и искрено да изјавам дека убаво е да се помине барем еден ден од животот во таквата... каква е не знам ама, во секој случај, e единствена BEST- атмосфера. За пријателството се раскажува и се’ што се прави во негово име...
Да се изразам инженерски, ако сега стојам на три чекори од координатниот почеток, во точка B, кога ќе го насочам погледот кон него, едвај го пронаоѓам заради тоа што патешествието сплело густа мрежа. Приказната која ми останува да ја создавам, а мрежата која ќе ја плете мојот spider- живот завршува во точката C (определена со x, y, z, и t). Она што сакам да ги разликува O-B и B-C (освен почетокот и крајот кои ги определуваат) е количеството самосвест и чистотата и јаснотијата на нештата кои ме дефинираат. Не е голема работа човек да ја согледа сопствената неопходност во сопствениот живот. Да може се’ сам, а да може заедно- волево, искрено и добронамерно- тој успех е радост по дефиниција!
Она што ме испровоцира да пишувам и нешто што сакам да споделам со кирилично- писмениот свет е впечатокот од вежбањето комуникација претходново попладне.
Се зборува за зборувањето, за помалку и повеќе страните јазици кои ги употребуваме, за разговорот во време кога човекот се претвара во суштество кое се плаши да зборува за сопствените мисли, кога се плаши од сопствените потреби, чувства, а со особен страв гледа кон признанијата- дека нешто мисли и тоа сака да го каже. Што е тоа што не’ исплашило? Ова е клучното прашање со чиј одговор верувам дека се обогати поголемиот дел од присутните на вежбава: каков е одговорот кој го добиваме од околината како реакција на некоја наша акција.
Со незабележлива примена на наивни и обични средства, претходново попладне секој бурична низ сечиј мозок, а никој не го почувствува тоа како нарушување на приватноста.
Зошто се радувам што бев дел од настанов? Заради тоа што тој иницира размислувања кои, еве ги- распламтено јуришаат низ главава и раѓаат нови- за мене во светов околу... Како да направам од себе подобар човек... Можеби утре ќе се разбудам во нов свет- свет на совршена хармонија... Свет на посреќни и подобри луѓе... Свет на чисти и искрени насмевки!

6 comments:

Vlatko said...

Ја сакам да го чујам на дијалект како го кажуваш ова :)

Очигледно добар бил тренингот. Поздрав .. не ми текнува мене да седнам да пишам нешто ама еве бар еден коментар за на блогов

Kiki said...

Одамна немам прочитано ваков креативен текст :)
И во БЕСТ но и пошироко...барем на 20км од барака5 :)
Мило ми е што ти се допаднал тренингот и се надевам БЕСТ ќе биде дел од тебе уште долго време.

Поздрав,
Кики

Sofija said...

После еден напорен, целосно исполнет и тежок ден, ваков текст може само да не мотивира да продолжиме да го работиме она што го знаеме најдобро, па ние сме БЕСТовци нели? Јас се измотивирав веке :)

Elena said...

Би сакала да најдам зборови да го искоментирам текстов....тешко...ми е страв да кажам било што...Ептен сум среќна што супер си го доживеала тренингот и ти посакувам уште многу такви моменти со БЕСТ :) Браво!

Sanja said...

Многу поштувам вакви текстови...

доста добар контекст,
филолошки тип на пишување
во комбинација со инженерски
стил и елементи, одлично вклопени во импресии кои мотивираат до бескрај, спонтано и сосема нечујно откривајќи еден максимално искрен фидбек...

Ми се допаѓа многу.
Експлозија од чувства и мисли.

Olgica said...

Дечки,
Нема да глумам ладнокрвност и да не одговорам на вашите коментари или, во полош случај, да напишам една-две реченици извадени од некое клише’ за муабети во таква прилика.
БЛАГОДАРАМ за секоја кажана и некажана убава мисла која ми ја упативте или упатувате, а ја испровоцирал мојот текст. ЗНАЕТЕ КОЛКУ СЕ РАДУВАМ? Ќе ви објаснам: на дваесет и пет и уште нешто и на неколку испити и помалку до инженер да се радувам со радост на дете! ( Не знам дали е тоа југот или нешто што стигнало во пакет со животот што го прави жолто и топло ова дома во кое детево искрено и бессрамно му се радува нему- на животот.)
Многу ми значат вашите коментари. Убаво ми е што ве имам во животот, и тоа, не само како податоци туку како луѓе со кои споделувам од него!
Ви посакувам се’ и само најубаво!