Наташа Митева - Учесник на RM Ankara Autumn 2015

1. Што претставува RМ Анкара на кратко, кои БЕСТ локални групи беа дел од него и колку луѓе имаше вкупно?
- RМ (Regional Meeting) е настан во БЕСТ кој се случува 2 пати во годината. Оваа есен беше во Анкара, а таму можеа да се најдат делегати од локалните БЕСТ групи, тренери, делегати од департманите во БЕСТ, еден претставник од интернационалниот борд на БЕСТ и регионалниот советник. Овие регионални состаноци најчесто траат од 4-5 дена и за време на истите делегатите можат да присуствуваат на најразлични soft skills сесии, на работни групи на кои можат да ја увидат работата на департманите, но и на припреми за претстојниот генерален состанок.
Во нашиот т.н. Егејски регион се локалните БЕСТ групи: Скопје, Ниш, Подгорица, Патра, Атина, Хања, Анкара, Истанбул и Измир. Па од сите претходно набројани групи по неколку делегати + тренерите + делегати од департмани, бевме околу 50тина студенти на овој настан.

 2. Какви се' сесии имаше и која беше твоја омилена?
- Тоа беа всушност soft skills сесии, за време на кои преку многу интерактивен, интересен начин, неприметливо учиш на пример трикови за подобрување на твојот time management или како да го подобриш начинот на кој даваш feedback на луѓето кои работат со тебе (ова на пример многу ќе ми е од корист кога ќе се вработам после студиите). Споменав само две од многуте на кои присуствував, но како омилена би ја издвоила сесијата за ефективни состаноци. Сите сакаме да дојдеме на состанок и да дискутираме на одредената тема и брзо да завршиме со работата, но потоа сфаќаме дека сме заглавиле со саати затоа што не била ефективно водена дискусијата. На таа сесија сфатив дека е прелесно состанокот во организацијата да биде непродуктивен, воочив кои работи треба да се избегнуваат и научив како треба да се води еден ефективен состанок.



3. Покрај сесиите, дали имаше време да шетнеш и во Анкара?
- Мотото на овој настан е Work hard, party harder! За време на настанот бевме на сесии од 9 сабајле до 9 вечер (секако, со паузи за кафе, ручек и слично), а после вечерата имавме забави кои беа организирани само за нас. Поради тоа не бевме во можност во тие 5 дена да шетнеме во Анкара, нооо убавината во овие настани е тоа што никој не те спречува да дојдеш неколку дена порано или да си одиш неколку дена покасно, па тогаш да си се прошеташ по твој мерак. Јас бев таму 4 дена пред настанот, се изнашетав што се вика „за сите пари“! Се сретнав повторно со студенти од БЕСТ со кои сум се запознала на претходни настани, запознав една нова култура (која не е многу поразлична од нашата, но секако си има разлики), а и ми се исполни желбата да го посетам мавзолејот на Ататурк ( кое е ооогромна градба и ги магепса дури и тие кои не се љубители на историјата )! Апсолутно вреди да се посети Анкара, а уште подобро е доколку тие денови ти се изрежирани од членовите од БЕСТ! :)

Никола Јовановски - Учесник на RM Delft Autumn 2015

1. Кажи ни што претставува RМ Delft на кратко. Кои BEST локални групи беа дел од него и колку луѓе имаше вкупно?

-Regional Meeting Delft 2015 е интернационален настан кој се случуваше оваа есен (14.10 - 18.10) во холандскиот град Делфт, при што членовите се запознаваат подобро со функционирањето на BEST преку учествување на тренинг сесии за меки вештини.
Можат да учествуваат поискусни но и понови членови на BEST. Присуствуваат и тренери и кординатори од интернационалните тимови,регионалниот советник и претставник од интернационалниот борд. Но тука се и членовите од партнерската студенска организација BONDING, како и партиципанти кои се надвор од регионот, како на пример што бев јас. :)
Конкретно присуствуваа 9 локални BEST групи: Делфт, Брисел, Брисел УЛБ, Парис Супелек, Лиже, Торино, Рим,Нанси и Ерланген. Па така си запознав мноогу нови пријателчиња од овој северо-западе регион.

 2. Какви се сесии имаше и која беше твоја омилена?
-Меки вештини, case study за подобрување на Регионот и BEST, работилници од Интернационалните тимови и извештаи за тековните проекти.
Најомилена сесија ми беше работилницата од страна на ТиГро (Интернационалниот Тим за Тренирање) во која ни презентираа како се организира тренерски настан координиран од нивна страна.

3. Што очекуваше да научиш од сесиите и дали тоа се оствари?
-Очекував да дознаам и да бидам воведен повеќе во интернационалното работење на нашата организација и да присуствувам на тренинг за некои меки вештини кои не сум знаел дека постојат.
Моите очекувања се остварија тотално,еве ме си се вратив во Скопје со проширени хоризонти, многу знаење и огромна мотивација.

4. Покрај сесиите,дали имаше време да шетнеш и во градот?
-Да да секако, не шетавме само во центарот на Делфт, туку организаторите ни организираа и специјална посета на универзитетската зона на Техничкиот Универзитет, кој е всушност и еден од најдобрите политехнички универзитети во Европа. Како една од најинтересните активности би можел да го издвојам екстремното качување на карпи во специјализирана тренинг просторија.
Сите оние кои што се сте размислувале за учествување во ваков тип на настан - не двоумете се, ќе запознаете мноогу нови пријатели, прекрасни спомени а и неверојатно е со колку многу ново знаење ќе се здобиете.
 



Стефан Серафимоски - Летен состанок на finTeam

1. Твоето лето помина на малку поразличен начин. Раскажи ни нешто околу тоaТокму така, моето лето помина малку поработно од вообичаено лето на какво сме навикнати, но сепак успеав да се забавувам и да запознаам нови места и нови култури. Наместо на одмор или летен курс бев на летен состанок на комитетот за корпоративни односи на интернационално ниво (SM finTeam) кој се случуваше од 16 до 25 август во Варшава.



2. Што се случуваше на тој настан?
- Се работеше за доста интересен настан, на кој ние, членовите на комитетот за корпоративни односи на БЕСТ, имавме тренинзи од областа која ја работиме, а воедно, заедно со менаџментот на комитетот, ги дефиниравме целите и плановите за претстојната година. Но сепак, освен тоа успевавме добро да се забавуваме и да ја запознаеме полската култура и храна преку одлично организирани забави, како на пример полската вечер, каде пробавме од најпознатите полски специјалитети и ги научивме нивните национални танци. На настанот имаше учесници од преку 12 различни европски држави, секоја со различен јазик и култура.


3. Што работи комитетот за корпоративни односи?
- Како што името кажува, ние во комитетот за корпоративни личности сме доста мотивирани студенти од цела Европа кои на интернационално ниво работиме на соработка со големите интернационални компании, како Deutsche Bahn, Dell, Whirpool и многу други. Тие ја поддржуваат организацијата финансиски и преку учество на големите интернационални настани кои ги организираме, како на пример BEST Career Day кој ќе се одржи на 1 април 2016. Воедно компаниите се активни корисници на нашиот интернационален центар за кариера, во кој свои податоци и апликации имаат оставено преку 37 000 студенти од преку 95 технички универзитети на ниво на цела Европа. Тоа е голем систем кој треба постојано да се одржува, па тука настапуваме ние, кои како мотивирани и тренирани студенти во таа област контактираме со компаниите преку повици, состаноци и онлајн конференции.