Сара Коцевска - фотограф на EBEC Final 2015

1. Кажи ни нешто на кратко за EBEC, каков настан претставува и кој се може да учествува.
-EBEC е инженерски натпревар наменет за студентите кои имаат можност да ги покажат своите вештини, својата креативност и досетливост. Овој натпревар е одлична забава, кретивност и шанса да се истакне натпреварувачкиот дух. Победниците на локалното ниво одат понатаму на регионално ниво, од кадешто имаат шанса да одат на крајното европско ниво. Како натпреварувачи може да учествуваат само членови кои не се во Локалната BEST група, додека како организатори пак само членовите. 


2. Подобјасни ни што вклучуваше твојата функција, и на кратко опиши ни еден ден.
-Оваа година EBEC Final се одржуваше во Порто, Португалија од 31ви јули до 14ти август. Имаше 120 партиципанти и околу 60тина организатори (на локално и интернационално ниво) Јас аплицирав и бев избрана за фотограф, па мојата задача беше да доловам уникатни моменти за да можат и оние кои не присуствувале да видат што се случува.
Како ни изгледаше еден ден? Најпрво, наутро станувавме околу 8 часот, а веќе во 9 почнувавме со извршување на своите задачи. Додека партиципантите ги спремаа своите говори и дискутираа за идеи, никој од организаторите не смееше да им пристапи во тој период , освен ние фотографите :P Имавме обезбедено доручек,ручек и вечера а се работеше се до 19 часот,вклучувајќи ги и паузите. Секоја вечер, ние организаторите имавме состанок каде дискутиравме за она што се поминало и што ни следува наредниот ден. По завршувањето, секако и се забавувавме.

3. Колку предзнаење ти беше потребно за оваа функција и колку научи по завршувањето на настанот?
-Предзнаење во полето на фотографија имав и од претходно меѓутоа таквата средина каде буквално во секоја секунда се случуваше нешто интересно ми дозволи да ги подобрам своите вештини уште повеќе. На некој начин, како доказ можеби е и есенскиот натпревар по фотографија, во категоријата ''BEST Engineering Competitions'' на кој го освоив првото место со фотка токму од таму. 

4. Каква ти беше соработката со тимот, но и со партиципантите?
-Работев во тим со уште 8 прекрасни луѓе кои за тие 15 дена ми станаа како фамилија. Имавме еден координатор, а конкретно во полето на фотографија бевме двајца. Заедно си помагавме неверојатно многу и навистина зачудувачки е колку научив за координацијата и работата во тим. Со партиципантите се дружевме многу и успеав да се запознаам со поголемиот дел од нив и тоа го гледам како еден огромен плус при присуство на ваков интернационален настан бидејќи создадов познанства и пријателства од секаде. Со некои и сеуште комуницирам секојдневно.

5. Каков однос имавте вие - организаторите и учесниците со компаниите?

-Јас,како и целиот Медиа тим бевме во постојан контакт со компаниите кои беа поддржувачи на настанот пред се поради промоцијата која како студентска организација им ја нудиме. Голем дел од учесниците добија и можност да имаат приватно интервју со компаниите како DELL, REPLY, DEUTSCHE BAHN, SAKTHI, COLQUIMICO. Затоа сите оние кои не сте членови на BEST ве охрабрувам да се пријавите најпрво на нашиот локален EBEC па да стигнете и вие до тука ;) 





За крај, стиснете ТУКА каде ќе може да ги видите фотографиите на официјалната facebook страна на EBEC. 
А ТУКА за да го погледнете видеото кое го изработивме како сумација од целиот настан.

Ева Петреска - Главен организатор на ЛАК 2015

1. На кратко објасни ни што е ЛАК и што значи да се биде главен организатор. Поточно, кои беа твоите должности, со кого работеше и слично.
- ЛАК е кратенка за Летен Академски Курс,  и тоа според мене е еден од најубавите настани на нашата студентска организација. Ова беше 13тото издание и се оддржа од 30 јуни до 10 јули, од кои 7 дена во Скопје и 3 во Охрид. На настанот присуствуваа околу 25 партиципанти и околу 30 гости од цела Европа. Темата на курсот беше Хидроенергија и за истиот имавме соработка со Машински Факултет. Но, по предавањата кои се преку ден, ние се обидовме во најголема мера да им ја претставиме културата на Македонија, со прошетки, посети на локали, на Матка, Водно и слично и разни тематски забави и игри кои беа наменети да се запознаеме сите и тие да си заминат со прекрасни спомени од настанот.
Како главен организатор главата должност е да се организира се ова во најдобар ред и со најмногу насмевки на лицата на сите присутни. Што секако е невозможно од еден човек, па затоа ние многу поддржуваме тимска работа. Јас имав еден прекрасен тим составен од 11 луѓе, секој задолжен со различен аспект од организацијата (маркетинг, односи со компании, логистика, одговорни за партиципанти, итн. Cекако имаме различни работни групи каде секој од членовите на БЕСТ помага, па знам дека без сите овие луѓе немаше да биде настанот тоа што беше!

2. Која беше твојата главна мотивација за пријавување на ваква функција и што ново научи по завршување на настанот?
- Главната мотивација ми беа луѓето. Знаев дека ќе имам шанса да работам и да запознаам толку многу прекрасни луѓе, со некои од кои и денес комуницирам. И знам дека можам да посетам толку многу места низ Европа каде ќе видам познато лице и ќе имам домаќин, личен туристички водич и пријател се во едно. A доколу би почнала да набројувам што научив, никој нема да сака да го дочита ова до крај, па би рекла веројатно најбитните работи беа time management и делегирање.


3. Како отприлика беше организиран еден ден на курсот? Колку организатори од Скопје беа активно вклучени а колку партиципанти имаше ?
-Епа, секој ден има по еден член кој е одговорен за тој ден и околу 30ина до 40 бестовци вклучено во различен дел од денот, според логистичкиот распоред. Но, вака се тоа можеби звучи малку формално, верувајте е еден презабавен процес. Пример за тоа е кога во една ситуација требаше да се чисти, решија некои од членовите да пуштат музика и да огранизираат мини забава со танцување и многу смеење. 


4. Кој ти беше омилен ден / активност?
-Хмм, мислам дека ова прашање ми требаше исто време да го размислам како сите предходни, но би рекла еден од деновите во Охрид. Дента ја поминавме со огранизирање на прошетка низ градот, со организација на водени игри и просто со одмарање на плажа што мислам дека беше и моментот кога сите од нас најмногу се запознавме и моментот кога стварно се почувствувавме како членови на еден микрокосмос, на една вистинска група и беше еден од тие денови кои сакаш да трае барем уште малце подолго. 

Повеќе фотки можете да погледнете тука.