Магијата на Presidents Meeting


БЕСТ. Организација. Студенти. Среќни студенти. Флексибилност. Радост. Насмевки. Настани. Македонија. Европа. Култура. Забава. Пријателства. Учење. Традиции. Академска надограба. Љубов. Работа. Магија. Ова не се само наредени зборови. Ова е дел од секојдневието со БЕСТовскиот начин на живот.
Оваа година, иако како полноправен член на БЕСТ и ново избран претседател, ми се случи нешто ново, многу различно од досегашните БЕСТ настани на кои сум била. Не беше ни налик на Академските курсеви, Едукативните тренизи, Образовните работилници или пак Мотивациските Викенди кои што се организираат во БЕСТ ширум Европа.


Ми се случи како што БЕСТовците љубат да кажат ПМ, Presidents’ Meeting. Едно од двете Генерални Собранија, еден од двата најофицијални настани кои секоја година се организираат во БЕСТ. Настан кој броеше 200 учесника од цела Европа, претседатели на сите БЕСТ групи од разни европски градови, настан на кој гордо седиш позади името на твојот град и земја, дискутираш и гласаш во името на сите останати членови на твојата БЕСТ група, затоа што тие решиле ти да бидеш тој, решиле дека ти веруваат доволно и се обидуваш тие 7 дена, и оваа година да го обелиш образот на БЕСТ Скопје. Овој ноември Копенхаген беше центар на БЕСТовско дружење, разменување на идеи, разговори и многу поделени насмевки помеѓу повеќе од 30 земји.
Овој настан, за мене беше посебен од повеќе причини. Освен што беше мое прво Генерално Собрание, ме поттикна на размислување. Бидејќи после овој настан, јас го сменив мојот одговор зошто сите членови на БЕСТ зборат за БЕСТовската магија. Зошто магија?
Велат, ако сакаш некому да посакаш нешто убаво, посакај му убави мигови вредни за паметење. Бидејќи миговите поминати во убави чувства се паметат вечно, не греат и во најладната зима, нанесуваат насмевка на лицата и во најосамените денови.
Затоа јас на сите студенти би им го посакала БЕСТ. Бидејќи БЕСТ го дава се она што е вредно за паметење, за кое споменав на почетокот. А за магијата? БЕСТ ги дава најмагичните денови, моменти, настани, разговори, погледи. И мене омилениот дел, никогаш незнаеш кога ќе ти се случи најмагичното нешто. БЕСТ секогаш ти дава повеќе и повеќе. И кога мислиш дека си го достигнал врвот, БЕСТ те носи на повисокиот.
И тогаш, мене ми се случи ПМ. Мојата магија.

Ивана Чапалова

И јас бев дел од собранието


Собранието на организацијата БЕСТ се случува два пати во годината и е официјален настан, кој за разлика од неделните состаноци има различен карактер. Секој состанок во БЕСТ е исполнет со многу насмеани, позитивни луѓе кои шират љубов, и секој состанок си поминувам убаво, дознавам различни работи за организацијата и различни случки кои што им се случиле на некои од членовите. Иако сум млад член решив да присуствувам на собранието затоа што знаев дека иако е официјален настан, секако ќе биде исполнет со насмевки и позитивна енергија што ја шират членовите во БЕСТ. Друг фактор кој што допринесе јас да присуствувам на собранието беше тоа што сакав да дознаам повеќе за тоа како функционира оваа организација, што всушност претставува да бидеш член.На собранието присуствуваа повеќето од полноправните членови, целиот борд на организацијата и уште околу дваесетина од помладите членови. На состанокот на наше големо задоволство присуствуваше и алумни членот Златко Трајчевски кој што го водеше собранието. За тие шест саати колку што траеше собранието, нашето ЛБГ доби нови единаесет полноправни членови, еден нов алумни член, беше избран новиот борд и беа одбрани главните организатори за Job Fair. Пред да бидат избрани, секој од нив треба да каже зашто смета дека заслужува и зашто треба да го изберат, без разлика дали се одбираа полноправни членови или пак новиот борд. Овој дел за мене беше најинтересен затоа што беа раскажани многу случки што им се случиле на членовите за време на ЛАК или на Job Fair, за смешни моменти во кои што се нашле, и секако дознав нови работи за сите што се дел од БЕСТ Скопје. На крајот на собранието сите заедно отидовме да се дружиме во поопуштена атмосфера, да јадеме, зборуваме, да си раскажуваме бесотвски приказни од минатото. Сето тоа беше исполнето со смеа, љубов, малце алкохол и секогаш насмеаните лица на БЕСТовци.

Рушка Бабич