Се заврте!
Да... се заврте и се вративме на почетокот - или пак на крајот, зависи како гледаме?! ;)
Пред неколку години, така случајно испадна да влезам во еден музеј и по година дена шетање низ него, најдов една слика. Доста интересна на прв поглед. Инако не ми беше многу јасна сликата од почетокот, одма осетив некој извор на топлина и пријатност. Затоа решив да се посветам на неа и да одвојам време добро да ја проучам, разберам... а бидејки уште не беше довршена, да можам и јас да оставам некоја трага.
И малку по малку, почнав да гледам од едно до друго ќоше и да ги разоткривам мотивите и идеите. И со секое навраќање на неа, нешто ново откривав. Но не бев сам, имаше и други луѓе до мене кои гледаа... некои уште од почетокот се збунија и продолжија кон друга слика. Некои пак воопшто се откажаа и си излегоа од музејот. Сепак, убавото беше што зад сликата стоеја и други луѓе кои ни помагаа да ја разбереме, да сватиме кој автор што сакал да каже и зошто на тој начин. Морам да признаам, често пати само климав со главата дека ги разбирам, иако на почетокот морав само да голтам се и да се отворам кон нивното толкување и да го прифатам.
Со тек на време навистина почнав да ја разбирам сликата и како што дел од паметните луѓе си одеа, така и јас застанав од еден агол на сликата, па пополека, проучувајки ја сликата во детали, да им ја објаснувам и на новите луѓе кои стоеа пред неа. Како и во почетокот, некои се интересираа да дознаат повеќе но откако ќе навлезеа во деталите, се испашија и си отидоа. Други одма си отидоа... но имаше и такви како мене и другите што седеа до мене - кои решија да продолжат да ја проучуваат сликата. А сликата - чист импресионизам! Кој како си ја сваќаше, така ја толкуваше за себе, но и така им ја објаснуваше на другите. Затоа, понекогаш беше тешко да се свати и оформи сеопфатно мислење за сликата.
И дојде време кој јас и другите луѓе што со мене ја проучуваа сликата, да застанеме позади неа и да бидеме тие кои ќе ги подучуваат новите дечки. И тогаш малку е чудно зошто баш во таа позиција, позади сликата - ти ја добиваш четката и треба да ја дополниш истата. Ја шлапаш сликата и им објаснуваш на новите, но поради тоа што сите ја гледаат сликата од разни агли, честопати не се согласувавме за детали... но сликањето продолжи!
Дојде и време кога и јас почнав да се поместувам кон другиот агол на сликата, оставајки ја сега на новите експерти - тие да ја земат четката, да сликаат и да им објаснуваат на новите. Е тогаш, голема збунка! Дури сега сваќаш дека навистина зборите за различни делови од сликата. Па и за боите - сега од страна подобро се гледаат и воочуваш дека некои комбинации не одат, па само им дофрлуваш да ги поправат смесите.
На крај, пак застануваш пред сликата - но сега ја имаш видено од сите страни. Сега пак си на почетокот - но сега се ти е многу појасно. Сега само се повлекуваш 2-3 чекори од сликата и доаѓаш во старото друштво на паметни луѓе кои на почетокот почнаа да те туторат. Гледаш како на сите им е јасна сликата - на свој начин и понекогаш, кога некој нешто ќе наслика ново, ќе прокоментираат.
Но сега за мене и за нив има други слики за проучување и сликање... затоа, ајде да завртиме уште некоја! ;)
Поздрав!
Васе
П.С. Проследете го и видеото за мало појаснување на сликата :Þ