Верификационо собрание, 25 јануари 2014

Саботата (25 јануари) беше еден од најважните денови за БЕСТ Скопје и нејзините членови. Тогаш се одржа Верификационо собрание каде што се донесоа важни одлуки за иднината на организацијата, а најважната беше верификувањето на новиот 13-ти борд кој брои 7 членови.

Собранието почна со претставување на Дневен ред од страна на искусен член на БЕСТ Скопје, а веќе алумни, Јасенка. На собранието присуствуваа млади членови, искусни членови, како и алумни. На ова собрание секој член имаше можност да види одблиску каква е внатрешната работа и организација на БЕСТ Скопје, колку се сериозни и способни студентите да водат една ваква организација и како всушнст функционира БЕСТ Скопје.
Имаше доста смеење, сериозност, но и по некоја солза,бидејќи на ваквите собранија најчесто се одлучува дека некои искусни членови, по нивната долга и продуктивна работа треба да станат алумни, по нивно барање. Покрај солзите, имаше и смеење и честитки, бидејќи, како што некои стануваат алумни, така други млади членови стануваат полноправни и добиваат поголема доверба од БЕСТ Скопје, како и можност да придонесат многу повеќе во самата организација. Така, се случи две искусни членки да станат алумни, а четворица млади членови, по напорната работа добија можност да станат полноправни. 


Еден од најважните делови на ова Верификационо собрание беше презентирање на работата на пертходниот борд во БЕСТ Скопје, кој имаше мандат од година дена. Овој борд кој исто така брои 7 членови, презентираше колку и какви настани има организирано БЕСТ Скопје за време на нивниот мандат, колку се зголемила бројката на членови за време на нивниот мандат, колку се зголемила бројката на нови фирми со кои соработува БЕСТ Скопје и уште многу други работи, важни за напредокот и развојот на организацијата и нејзините членови.



На крај дојде и важниот дел од ова Верификационо собрание, каде што сите полноправни членови едногласно го верифицираа новиот 13-ти борд во БЕСТ Скопје, чии членови беа одбрани на Собранието одржано во септември. Покрај бордот, беше одбран и нв Вивалди одговорен, лице во БЕСТ Скопје кое ќе се среќава со сите оние желни студенти за патување кои аплицирале на сезонските курсеви организирани од БЕСТ низ цела Европа и ќе биде тука секогаш да им објасни дека БЕСТ го нуди само најдоброто за нив.




Александра Крстевска





Како си помина Сандра за Нова година во Гданск, Полска

Пред да почнам да раскажувам како си поминав за Нова гдина во Гданск, Полска организирана од страна на БЕСТ, размислував дали ова ми е најдобриот дочекот на Нова година.
Заклучокот беше едноставен...Да, ова дефинитивно е најдобриот дочек за Нова година. Одлуката за одење во Полска за Нова година беше сосема спонтан. Ова ми беше втора посета на оваа земја, благодарение на БЕСТ, која за многу малку ми овозможи толку многу шетања и толку многу пријателства низ цела Европа. Пречекот од организаторите на Локалната БЕСТ група на Гданск беше прекрасен и кога некој ќе каже Полјаците биле ладни луѓе, најверојатно не запознал БЕСТовци. Во Гданск бевме 5 дена и прво што се изненадив беше сместувањето. Бевме во хотел со  5 ѕвезди и хотелот беше само за нас, партиципантите од цела Европа. Храната беше прекрасна и никогаш не останувавме гладни, баш напротив по секој оброк бевме толку полни што мислевме дека ќе ни пукнат стомаците. J

Во текот на тие 5 дена имавме доста активности и интересни моменти. Не носеа да возиме рошули, што за мене беше едно интересно и необично искуство, што на пример сама никогаш не би го пробала. Бевме во кино, бевме во посета на центарот како и на околните делови од градот, а најубавото нешто што ми остави впечаток е плажата покрај Балтичкото море.
За мене беше прв пат да одам на плажа и да носам капа, шал и ракавици. J
Сите партиципанти беа интересни на свој начин. Запознав многу нови луѓе од цела Европа кои едвај чекам да ги видам повторно и да имам уште многу нови луди, незаборавни, па и авантуристички моменти. Вечерта за дочекот на Новата година беше одлично ороганизирана. Бевме во дискотека која беше само за нас, имавме свој ДЈ, неограничено се, но кога велам неограничено навистина неограничено до сабајле, а не како кај нас до 12 часот.

Во 00:00 излеговме пред дискотеката да го гледаме прекрасниот огномет кој доаѓаше од центарот на градот и сите насмеани, со по некоја солза радосница си делевме прегратки и бакнежи за поубава и поуспешна година.
Некогаш некои викаат дека новата година треба да се дочека со најблиските роднини, пријатели...Но, во овој случај, мене ми е најмило што одлучив да бидам со странци и навистина сум најсреќна што БЕСТ ми овозможи да искусам една поинаква нова година и да ја дочекам со личности кои временски не ги знам многу, но имам чувство дека ги знам цел живот. 

Александра Крстевска





EBEC, БЕСТ и Јас...

Температурите опаѓаа, а еуфоријата во БЕСТ растеше, се ближеше EBEC – инженерскиот натпревар. Растрчани на сите страни, членовите се трудеа се да биде организирано до најмал детал. Се мораше да биде совршено. А и беше. Барем тие што беа дел од настанот знаат. Оваа година возбудата ја пренесовме во просториите на Seavus Education & Development Center, каде се одржуваше настанот од 4 до 6 декември.

Се започна со свеченото отварање, и форумската расправа на тема „Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува". Интересно е да се слушнат мислењата на претставници од компаниите, професори, а и самите студенти. Засегнати од овој проблем, сите ги изнесоа своите ставови и мислења за тоа како да се надминат разликите и колку всушност се превзема во моментот.



Вториот ден беше резервиран за првата категорија од натпреварот, односно Case study. Во овој дел се натпреваруваа 6 тима, кои имаа задача да дизајнираат робот кој ќе управува со отпад. Овде најдобро ја прикажаа имагинацијата и креативноста, но и дел од своите знаења. Бев импресионирана од тоа колку детално беше разработена темата, и колку креативни решенија беа презентирани. Сепак, еден тим се истакна од другите, а тоа е Fast forward, кои ќе не претставуваат во овој дел од натпреварот во Ниш.



На третиот и последен ден од EBEC, уште 6 тима имаа можност да ги покажат своите способности во категоријата Team design. Овде натпреварувачите дизајнираа Слободнолетачки Мали Авиони наречени Гумењачи, бидејќи погонот на кој се движат е гумен ластик. Освен функционалниот дел, требаше да се обрне внимание и на дизајнот. 6те тима одлично ја сработија задачата, и многу се забавувавме за време на презентацијата, кога се летаа авиончињата. Деталните пресметки на тимот Orange и добрата презентација им ја донесоа победата и шансата да не претстават на балкаскиот EBEC. Но, на некој начин сите беа победници со самото тоа што учествуваа во натпреварот, дадоа се од себе, и го покажаа тимскиот дух.



Ова навистина беше прекрасно искуство за мене, како нов член на БЕСТ, и сум сигурна дека и во иднина ќе продолжиме да организираме успешни настани.

Данче Лазарова 

Петто издание на локалниот БЕСТ Инженерски Натпревар (EBEC) во соработка со Сеавус Едукативниот и Развоен Центар

Сосема случајно, така вообичаено започнуваат големите работи.  Случајно го видовме објавениот конкурс за EBEC 2013, случајно се пријавивме и (не) случајно победивме. Како апсолвенти, си ветивме дека токму оваа година ќе биде таа во која ќе учествуваме на оние настани кои поради одредени причини ги заобиколивме минатите години. И не погрешивме, бидејќи несомнено EBEC го разбуди натпреварувачкиот дух во нас и ни даде можност за докажување.

Логистички и организациски, BEST и Сеавус Едукативниот и Развоен Центар како подржувач ни понудија настан во кој е навистина чест да се учествува. И ова не се само ласкави зборови на победници, навистина е така. Тридневниот настан започна со дебата на тема "Разидувањето што постои помеѓу она што бизнисот го бара и она што образованието го обезбедува " во кое учество земаа преставници од неколку компании, факултетите, студентските парламенти и самите учесници. Следните два дена беа резервирани за секоја од категириите Case Study и Team Design.

Четвртокот беше наш ден, ден за категоријата Case Study. Просториите на Сеавус Едукативниот и Развоен Центар собраа на едно место 24 инженери, 6 идеи за решавање на зададениот проблем и голема желба за докажување. Нашиот тим се вложи максимално во реализација на задачата, посветувајќи се и концетрирајќи се на реално решение кое ќе биде имплементациски и економски издржано. Успешната презентација беше онаа која овозможи нашата идеја да биде примена и разбрана на вистинскиот начин и кај судиите, а и помеѓу учесниците. И размислувајќи како да го завршиме третиот пасус забележуваме дека не го претствивме нашиот тим Fast Forward. Fast Forward е составен од студенти од ФИНКИ и ФЕИT: Филип Божиновски, Сашо Јадровски, Кристина Блажевска и Никола Анѓелковиќ.

Импресиите по натпреварот не можат брзо да стивнат, а и како би можеле кога нашиот тим отиде сосема неоптоварен со помислата за победа.  Победата на EBEC ни ги зголеми поставените амбиции и нашите критериуми. Она што е сигурно е дека ќе го дадеме најдоброто од себе за балканското првенство во  Ниш, а попатно  ќе уживаме во новостекнатите пријателства и размена на искуства кои со себе ги носат натпреварите.



Кристина Блажевска

Како си помина Ангела во Лисабон, Португалија?

Веќе поминаа неполни два месеци од мојата посета на Лисабон, а јас се уште сум под импресии од ова несекојдневно и незаборавно искуство кое ми го направи изминатово лето поубаво од сите претходни. Не можам да опишам колку бев радосна кога со мала доза на неверување прочитав дека сум  примена на двонеделниот BEST курс. Па, еве ги накратко моите впечатоци.

Во Лисабон пристигнав доцна навечер, а на аеродромот ме пречека една од организаторите на курсот и директно ме однесе на забавата за добредојде. За распакување и одмор не стануваше збор, време беше за забава и дружење до раните утрински часови. На забавата веќе беa дојдени сите организатори на курсот и останатите учесници кои претходно пристигнале, па таа вечер се запознав со сите тие прекрасни луѓе со кои поминав две незаборавни недели и со кои се уште контактираме.
Следниот ден започна со напорно, интензивно темпо кое не следеше за време на целиот престој , но без кое немаше да видиме и доживееме толку многу работи , кои ни даваа чувство како да сме таму многу подолго. Станување во 7:30, после  час-два сон, потоа појадок, предавања и вежби,  ручек, прошетки и екскурзии, вечера, додека остатокот од денот беше резервиран за забава.


Темата на курсот беше “Do it yourself engineering and smart cities”. Беа одржани  предавања од професори од нивниот универзитет, како и од претставници на успешни компании. Имавме и работилници каде можевме да го примениме она што сме го научиле, а на крај ги презентиравме нашите проекти.
Покрај академскиот дел од курсот, имавме доста време за разгледување на градот и посета на сите позначајни знаменитости. Бев воодушевена  од се  она што Лисабон може да го понуди како туристичко место. Честопати знаевме да се пошегуваме дека сме во Рио Де Жанеиро, гледајќи ја португалската верзија на статуата на Исус или пак, дека се наоѓаме во Сан Франциско, сликајќи се во позадина со лисабонскиот Golden Gate.  И покрај неколкуте сличности со други градови, Лисабон плени со некој свој уникатен шарм и топлина, што не може да се сретне на друго место.  Бев воодушевена од симпатичните, тесни и стрмни улички низ кои минуваа карактеристичните жолти трамваи, од фасадите на зградите направени од мали плочки во разни дезени , како и од разиграните мозаици на тротоарите и плоштадите.  Ја посетивме кулата Белем, во чија близина имавме можност да го пробаме најпознатиот португалски десерт Pastéis de Nata, а исто така и Националната Палата, во која прошетавме низ раскошните соби на тогашното кралско семејство.



За викендот имавме екскурзија до Синтра- град со прекрасни замоци и паркови, и до Обидос – средновековно гратче, каде ја прават најдобрата Ginjinha – ликер служен во мали  шолјички направени од чоколадо. Уживавме во погледот од најзападната копнена точка на Европа, се релаксиравме на прекрасните плажи, а ни беа и организирани часови по сурфање, што малку тешко ни одеше на почеток, но беше исклучително забавно.
Вредни за спомнување се и тематските забави, кои го направија нашиот престој во Лисабон уште поинтересен. Секоја вечер имавме забави од различен карактер, надополнети со разни игри и соодветен дрес код, заради кој често личевме како да одиме на маскембал . На Интернационалната вечер, пак, имав можност да пробам традиционална храна и пијалоци од многу земји, а ме израдува и фактот што сите се воодушевија од нашиот ајвар.





Сe’ на сеова беа две прекрасни недели во еден преубав град, исполнети со многу дружење, смеа и  забава. Можност да се запознаам и спријателам со триесетина студенти од различни европски држави и да научам нешто повеќе околу нивната култура и начин на живот. Незаборавно искуство кое вреди да се доживее и  кое на сите им го посакувам.

Ангела Јосифовска




Моите импресии од летниот курс во Киев, Украина

Е-маил од БЕСТ.org со известување дека сум примен на летниот курс во Киев. Тоа беше сосема неочекувано бидејќи речиси и имав заборавено на мојата апликација.  Иако патот до Киев е долг, како авантурист по природа решив да патувам со воз. Се договорив со уште една учесничка од Црна Гора да се чекаме во Белград. Патот беше возбудлив. Сретнавме многу студенти од различни делов на Европа. Кога пристигнавме  во Киев бевме пречекани на железничка станица и сместени во студентскиот дом каде се запознавме со другите учесници на академскиот курс. По сместувањето имавме прошетка низ градот ,а вечерта забава. Следниот утро имавме воведно предавање за да попладнето се упатиме на одморалиште на крајбрежјето на Киевското езеро. Таму престојувавме два дена каде имаше предавања за тимска работа како и лекции по Украински јазик.



Во вечерните часови имаше забави, една од нив беше „Иван Купала“ која е традиционална Украинска слава претставена како сплет од христијански така и пагано-словенските верувања. Интересен факт е тоа што оваа вечер ми беше роденден и организаторите се потрудија да ми биде еден од најдобрите родендени до сега. После двата прекрасни дена на езерото се вративме во Киев. Четвртиот ден имавме предавање за издаваштвото , за да вечерта го поминеме на прекрасната „Пољана“ (место каде што се собираат студентите од Киевскиот политехнички институт) таму можевме да се запознаеме со дел од забавниот живот. Следните неколку дена посетувавме печатници на весници, магазини и книги каде што го следевме целиот процес на издаваштво. Вечерите беа исполнети со луди забави (дискотеки, приватни журки) каде што можевме да го вкусиме ноќниот живот на Киев.  Вреди да се спомене забавата на брод додека крстаревме низ Дњепар и уживавме во прекрасната глетка како и забавата во трамвај додека се возевме низ центарот на Киев.  Нема да ја заборавам и посетата на  музеите, „Маидан незалежности“, паркот „Мајката на татковината“ Воениот музеј и паркот на жртвите на големиот глад.






 Ова беше прекрасно искуство кое нема да го заборавам. Беше навистина лудо и незаборавно(клише реченица) ама стварно беше така. Како мој прв курс, тоа што го доживеав беше повеќе од тоа што го очекував. Прави БЕСТовски забави и дружење со бестовци од цела Европа. Дружба,забава и учење , музика , шеги и смеа. За крај што можам да кажам дека вреди да се посети Киев, организаторите се стварно добри, забавите прекрасни. Летото во Киев беше најдоброто лето што сум го имал до сега.




Иван Атанасовски

Импресиите на Ирена од летниот курс во Виена

          Ова лето бев решена да го поминам на малку поинаков начин од претходните. Знаев што е БЕСТ курс, и бев решена да отидам на еден од нив. Така, мојата среќа беше неизмерна кога прочитав дека сум примена на летен курс во Виена. Знаев дека пред мене е нешто сосем ново и дека ме чека едно незаборавно искуство.
Да се учествува на еден ваков настан е вистинска привилегија. Како партиципант на двонеделниот летен курс, мило ми е што ја имав таа шанса. Останавме цели две недели, опкружени со магијата која ја нуди овој град и со околу триесетина други студенти од Европа. 

Триесет различни карактери, од различни земји и култури, а сепак толку многу дружење и разбирање имаше меѓу нас. Неописливо е чувството кога ќе запознаеш некоја нова личност, а веќе после неколку дена чувствуваш како да сте пријатели подолго време. Секој ден учев нешто ново за некој обичај или традиција за друга земја, и раскажував за мојата.
Кога пристигнавме на автобуската станица не пречека еден од организаторите на курсот. Притоа, мојот прв впечаток за Виена беше колку добро е се организирано таму. Почнувајќи од сообраќајот. Ни беа потребни три транспортни средства за да стигнеме до домот на сместување, а сепак не чекавме ни една секунда за автобусот, метрото или трамвајот; се е прецизно, точно и по распоред. 
Виена како град не маѓепса од прва, не знаеш на која страна да се свртиш попрво. Прекрасен спој од барокна и модена архитектура, секое ќоше наоколу е чисто и средено. Како за средина на јули, нормално беше да се видат огромен број туристи од цел свет и цел тој културен диверзитет функционираше сосем синхронизирано низ улиците на Виена.


За се да тече во најдобар ред се погрижија тамошните членови на БЕСТ- Виена. Целата организација беше во нивни раце и навистина беа многу грижливи и пријателски настроени кон нас. Актовностите беа различни, почнувајќи од скара на прекрасниот Дунав, преку обиколка низ градот и палатата Шенбрун, се до планинарење на Алпите.
Првиот ден видовме како Виенците уживаат во убавините на реката Дунав; веќе следниот бевме на посета во кабинетот на тамошниот канцелар, кој срдечно не пречека и ни раскажа дел од историјата и начинот кој функционираат тие како раководство.
 Ги видовме и некои од најпознатите места типични за Виена како катедралата на св. Стефан, националната библиотека, музејот на уметноста; прошетавме по најпозната улица во центарот каде се наоѓа и најстарата слаткарница во Виена.
Викендот кој следуваше беше исполнет со нешто сосема ново за мене- планинарење по Шниберг, планина- дел од веригата на Алпите. Првиот ден минувавме низ карпестиот дел од оваа планина- алпинизам во вистинска смисла на зборот, додека вториот ја видовме другата страна на убавината на Алпите-огромни површини зеленило и цвеќиња во сите бои. На враќање се спуштивме и до Puchberg, мало градче во подножјето на планината.



За крај би го споменала и официјалниот дел од курсот- предавањата. Темата беше  „Game On: From Theory to practice“, поврзана со економија и моделирање на некои реални ситуации преку потези на познати игри, за која на крајот требаше да изготвиме тимска презентација за она што беше опфатено.
Како што научивме нешто повеќе околу темата, така научивме и многу други работи кои ни ги донесе ова искуство. Го доживеавме духот на една европска метропола и тоа секогаш ќе ни остане во сеќавање. Затоа топло препорачувам, не испуштајте ја и вашата шанса да доживеете ваква несекојдневна авантура. Прифатете го предизвикот и осмелете се да аплицирате, и да ги проширите вашите искуства и познанства ширум Европа.


Ирена Костовска