БЕСТ Скопје на АКВАПАРК ФЕСТ ПРОБИШТИП

 Со сеуште свежи импресии, овојпат пишувам за една поинаква авантура на членовите на БЕСТ Скопје. Покрај некои редовни настани кои се случуваат во БЕСТ, почнувајќи од летните курсеви ширум Европа, културни размени, мотивациски викенди, овојпат заземавме учество на АкваПарк Фест, кој за прв пат се одржа викендот 24- 25 мај во Пробиштип. Бевме повикани како волонтери од страна на Password продукција со цел да се поттикне култуниот активизам и свеста за доброволен придонес кај младите. Затоа што БЕСТ како организација се залага за поттик на овие работи и сите преостанати општествени одговорности, понудата беше веднаш прифатена.



        И така, кога навистина ми требаше некој викенд релаксација и малку одмор од секојдневните збиднувања, стигна повик за волонтерство на АкваПарк Фест; отворена покана за многу забава и дружење, и притоа покриени  трошоци за пат, храна и влез, дозволен пристап до АкваПаркот. Си реков, супер прилика, оддамна не сум била на фестивал, а како волонтер па никогаш. Без размислување се пријавив..


        Неколку дена по повикот се состанавме со членовите од продукцијата која на сите, отприлика 30-тина пријавени волонтери ни ги објасни подетално обврските за време на фестивалот. Ништо страшно и напорно, грижа околу кампинг местото, ставање нараквици на посетителите на фестивалот, регулирање на паркинг местата, грижа околу артистите во бекстејџ.. Тоа беа мали задачи исполенти со многу забава и дружба кои не беа воопшто тешки, а сепак на крајот од денот си задоволен дека со завршената задача си придонел за се да остане во најдобар ред.


         Самиот фестивал траеше два дена, во кои имавме прилика да видиме како се работи на еден ваков настан и да стекнеме нови искуства, а истовремено добивме прилика и да стапиме во директен контакт и да се „фотнеме“ со некои од нашите омилени артисти. Кирил Џајковски, Paul Van Dyk, Фолтин, Суперхикс, S.A.R.S., Conquering Lion се само дел од артистите кои настапуваа...



        Како и да е, си поминавме незаборавно. Дефинитивно се здруживме уште повеќе со останатите членови, и се надеваме на уште повеќе вакви соработки и спомени.

Ирена Костовска


























Културна размена Јилдиз и Рига, Истанбул


21ви- 27ми април, 2013

 Само што се вратив во реалноста. Под „реалностмислам на нормалниот живот, оној студентскиот, секојдневниот, на обврските и проблемите во животот. А пред тоа, погодете каде поминав една назаборавна недела од својот живот? Па секако, во Главниот град на главните градови, еден од најубавите градови на светот, градот на два континенти, за некои познат како Стамбол, за некои како Константинопол, ние денес го викаме Истанбул.
Во оваа 17 милионска светска метропола, во прекрасната Турција, јас поминав една незаборавна недела која е дел од најубавите БЕСТ настани. Овој пат тоа беше КУЛТУРНА РАЗМЕНА помеѓу ЛБГ Јилдиз и ЛБГ Рига од Латвија. Јас присуствував како гостин од ЛБГ Скопје и имаше уште од една девојка од ЛБГ Санкт Петерсбург во Русија.
Пристигнав во Истанбул на 21ви април утрото во 06.30 по турско време (05.30 по македонско време). На автобуската станица почекав околу 45 минути да пристигне автобусот од Солун со грчките патници за не однесе заедно до плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, каде што беше точката на состанок со домаќините. Беше едно врнежливо утро во Истанбул, кое ми донесе лошо расположение за ваков добар настан. Но подоцна се беше добро. Во 9.30 часот по турско време ме пречекаа домаќините на Таксим, а јас ги чекав во STARBUCKS на Истаклал, на главното шеталиште во Истанбул. Отидовме во куќата каде што требаше да ме хостуваат и морам да признаам дека се покажаа како одлични домаќини. Веднаш потоа таму дојде и мојот добар пријател кого го запознав на Регионалното собрание кое се одржа во Скопје, две недели пред тоа, Тунч. Бидејќи се знаевме од пред тоа, веднаш реши, иако беше врнежливо да ме прошета во општината Бешикташ, кадешто бевме сместени. Отидовме на турски чај и ќунефе, турски десерт со мед и кашкавал. Прошетавме до Босфор и се вративме дома, бидејќи бев изморен од патот. Вечерта имаше забава за добредојде и запознавање со останатите учесници.

    Утредента, тргнавме во поход за освојување на Истанбул, односно разглед на градот и неговите знаменитости. Почнавме од Џамијата на Султан Ахмед или Сина Џамија, Света Софија, Германска фонтана, Обелискот на Теодосиј, Египескиот обелиск, Капали чаршија, Галата мостот и Галата кулата, за на крај да завршиме на турска баклава во Каракој. Вечерта се случи позната Интернационална Вечер, каде пробавме разни јадења и пиења од земјите учеснички. 








Следниот ден беше доста интересен, се возевме со брод по Босфор, цели 6 часа, јадевме скара, турски суџук, пиевме Сангриа и се журкавме и запознававме со домаќините и учесниците. Тој ден стекнав многу пријатели со кои комуницирам и сега. Вечерта отидовме на релакс мод, гледавме Лига на шампиони во еден локален бар во Бешикташ, пушевме наргиле и пиевме турски чај. Таа вечер помина релаксирано.






Утредента отидовме во посета на пиварата ЕФЕС Пилсен во Истанбул, кадешто се запознавме со вработените, имавме тура низ кампусот, се запознавме со комплетниот процес на производство и флаширање на пивото, имавме презентација на компанијата, на крај го дегустиравме производот и имавме коктел. Потоа отидовме во Miniatürk  музејот  и Пјер Лоти, висока точка во Истанбул кадешто се има прекрасен преглед на градот. Вечерта имаше Pub Crawling.
            Следниот ден ги посетивме островите на Истанбул, поточно најголемиот БУЈУКАДА, имавме прошетка низ музејот, повторно јадевме скара на плажата и се забавувавме и дружевме сите заедно, повторно зацврстив пријателства за на крај денот да го завршиме со Game Party.







Последниот ден помина претежно мирно, имавме прошетка низ кампусот, ректоратот и универзитетот Јилдиз во Бешикташ. Потоа отидовме во Ортакој, најголемата суверница во Истанбул, кадешто си купивме по некој сувенир за спомен. Вечерта беше резервирана за High School Party, кадешто сите танцувавме и се дружевме во духот на средношколците. Тоа беше воедно и последната забава за оваа културна размена. Утредента беше денот за заминување и сите со тешко срце се разделивме едни од други и си ветивме дека ќе се видиме повторно некаде низ Европа, која иако изгледа голема, сепак е мала кога си во БЕСТ. 

Така заврши и мојот трет настан со БЕСТ, во кој стекнав многу добри пријатели во Турција со кои останав да комуницирам.


FEEL THE MAGIC! JOIN BEST

Дамјан Милошевски























How Norway put a spell on me

Замислете си ноќ под волшебната поларна светлина, фјордови кои прикажуваат неверојатен и неповторлив колорит, илјадници чисти и природни езера, ектреми на континуирана светлинаи континуирана ноќ, глечери и природни реткости, бескрајни реки и моќни водопади.

Норвешка од секој свој агол повикува на авантура. 

Замислете, исто така, со години да истражувате некоја земја, да ја познавате секоја нејзина географска област, поединости на едукативниот систем, демографски карактеристики, култура и историја. Да, тоа е еднакво на опсесија, или пак само силна желба да проверите каква е реалноста.



17 јуни без сомневање ми беше исполнет со среќа, оној еуфоричен момент на неверување кога прочитав дека сум примена на есенскиот БЕСТ курс во Трондхејм, Норвешка.

За патувањето од соништата се што беше потребно е да се логирам на официјалната страна на БЕСТ и да аплицирам со мотивациско писмо кое ме одведе до доживување на едно сосема поинакво патување коешто го овозможува БЕСТ.
Прво патување сама на крајниот север на Европа и 12-дневно магично искуство во далечната и мистична Норвешка.

Кога слетав на аеродромот, кој беше еден час оддалечен од Осло, бев сама на непозната територија, но сепак го имав она позитивно чувство на изгубеност со кое излегував од вообичаената рутина на патување. 
При првиот контакт со минијатурното норвешко гратче, каде што се наоѓаше аеродромот, сфатив дека начинот на живеење таму е толку далечен од нашиот. Возот на локалната станица пристигна со неверојатна секундарна точност, ентериерот и екстериерот  беа на рамниште со првокласен авион, со таа разлика што горе во облаците немате wi-fi конекција.


 Неверојатната скандинавска природа се забележува при првиот поглед низ прозорецот, а со самото наближување кон Осло кој е сместен на истоимениот фјорд, полека влегувате во спој на старите градби наспроти модерната архитектура и безброј минијатурни индустриски зони.


Железничката станица е централното јадро и главна почетна точка за разгледување на градот за кое имав 12 часа до вечерниот воз за Трондхејм.
Едно мало шишенце обична негазирана вода од 37 норвешки круни ми посака пријатно добредојде. Пријатен е и фактот кога ќе ги воочиш примерите од часовите по Економија во пракса. Да, Норвешка практикува “економски национализам”, има рестриктивна увозна политика и практично немав избор за друга вода освен тие од  домашно производство.

Осло е футуристички убав град со голем број контрастни историски градби, но мојата дестинација беше Трондхејм. Гратче околу 550km северно од Осло и 300km јужно од северниот поларен круг. 
Норвешки Железници преку рутата The Dovre Railway (http://www.youtube.com/watch?feature=player_embedded&v=IQUaFa77XiE) го поврзуваат Осло со Трондхејм
Ноќта кога патував немав можност во целост да го видам окружувањето, едноставно присутно беше чувството дека континуирано се движиш кон најсеверната можна точка на која некогаш си бил.

Трондхејм, студентски град кој се наоѓа во округот Јужен Тренделаг, и неговата околина имаат  убиствено убаво окружување и за момент ќе посакате да останете таму засекогаш!

На станицата во 07 часот наутро ме чекаше Харалд, организатор кој беше на нашиот летен курс во Скопје, при што со менување прво на локален автобус, со кој ги средував првите впечатоци за градот, потоа со трамвајот имав глетка на најколоритните куќички и по 15-ина минути искачување (со куфери, да) стигнавме до најубавиот видиковец на градот - дрвената куќичка во која со 24 партиципанти од различни делови од Европа бевме сместени во првата половина од курсот. Последните денови ги поминавме во училиште во градот, поради преголемата оддалеченост од Универзитетот.

 Во рамки на кампусот на NTNU - The Norwegian University of Science and Technology  се одржа академскиот дел од курсот, кој беше насочен кон скапоцената течност - нафтата и нафтените платформи кои се честа слика во Северното Море, постројки за бушилици и останати други за мене апстрактни, но корисни поими.

Организаторите ни ја доближија и локалната необична храна, пробавме супа од брокули, чудни ќофтиња со слатко од сливи, добропознатиот лосос, допревме до норвешката култура како нетипични туристи, а имавме и кратко запознавање со основите на норвешкиот јазик.

Искусивме ноќен wood crawling, каде на друго место поавтентично би ги доживеал приказните за троловите, норвешките митологии и легендите за принцези, дознавме дека жиците на харфата имаат значење на скалила кои симболизираат повисоки нивоа на љубов.  Сето тоа спакувано во неразбирлива јазична рамка на имиња.

Останатиот дел од вечерите се дружевме преку најразлични игри и забави. Имавме викингшки кантус - цензурирано можам да го објаснам како игра исполнета со пеење J Потоа casino night, интернационална вечер, sauna crawling, chillout movie night - си гледавме норвешки филмчиња пропратени со топло чоколадо и marshmallow.
Преку City Rally-то паралелно ја истраживме историјата и уметничките катчиња на градот каде што може да конзумирате кафе во најромантичното кафуле. 



Ја посетивме и Нидарос, најсеверната готска катедрала во светот , ручавме на височина од 120 метри во Tyholt Tower, кула која на својот врв има ротирачки ресторан со неверојатен поглед на целиот град.


 Викендот беше резервиран за пливање и прошетка низ фјордовите на Трондхејм, обала која е избраздена со тесни морски заливи. Потоа пеевме во музејот за рок музика - Rockheim каде што можете да слушнете норвешка рок музика од 50-тите години па се до денес или пак истата да ја отсвирите на некој инструмент, да го визуелизирате начинот на живот низ декадите кои што имаат свој дизајн и ги покажуваат различните аспекти на музичката историја



Моето детализирано раскажување за сите волшебни места, предмети, природа и прекрасни луѓе на овој курс можат да не одведат до Северниот пол и назад и до поларната светлина која поради временските услови не ја доживеав.
Доколку главна асоцијација за земјата ви биле стеротипите за студ и мраз, проширете ги хоризонтите на погледи, перспективи, композиции и бои на една поинаква топла и бајковита Норвешка J и аплицирајте на http://best.eu.org/student/courses/event.jsp?activity=8gcl527


Ана Милинковиќ

EBEC Balkan 2013, Sofia, Bulgaria

Додека импресиите стојат сеуште свежи во мојата глава , ќе се обидам да ги пренесам до сите вас, за да добиете една слика што точно се случуваше и како сето тоа изгледаше. Признавам дека бев среќна и возбудена што добив прилика да бидам дел од овој настан и да запознаам премногу луѓе од нашиот ни Балкан. Имаше партиципанти од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора победници на локалните инжинерски натпревари во категориите Case Study и Team Design кои дојдоа на си ги одмерат силите токму во Софија-Бугарија на EBEC Balkan и да го загарантираат својот билет за Варшава. Кога веќе ја спомнав Варшава редно е да се пофалам со нашите дечки од Case Study (Мартин Тимов, Ташо Ќосев, Александар Тасески и Александар Спасески) најмлади, најслатки, па и победници.. е така одат тие работи. 
Додека пак нашите дечки од Team Design кои исто така завршија одлична работа, изработија прекрасен проект, но им фалеше малку среќа за победа. А сега да си се навратам на организаторската работа, за која и бев отидена  и да си признаам беше доста напорно. А и како не би било, се обидуваш да им угодиш колку што можеш на 50 луѓе сите со различни очекувања. Но трудот се исплтеше , го истуркавме настанот, ги добивме победниците, го качуваме последното скалило. И секако , нема БЕСТ настан без забава на крајот од денот, што би била како, ладно пиво во еден топол работен ден.  Дури и партиципантите добија можност да изиграат еден Балкански Кантус,а  тука честитки до Мостар за победата. Покрај освежување имаше и мноогу пеење, ќе ги спомнам Црногорците кои беа толку распеани во текот на целиот ден , секој ден од нашиот престој таму и ја ширеа својата позитивнат енергија. Ете на кратко од мене, во прилог имате и неколку слики, а доколку сакате уште повеќе посетете ја фан- страницата на  EBEC Balkan  на Facebook или официјалниот сајт  http://www.ebec-balkan.com




Надица Тунтевска

Моите импресии од Егејскиот Регионален Состанок


ОРГАНИЗИРАН ОД ЛБГ СКОПЈЕ

   Помина многу малку време откако станав член на БЕСТ, а веќе почнав да ја чуствувам магијата. Само што заврши еден прекрасен настан организиран од БЕСТ Скопје, Егејскиот Регионален Состанок. Дојдоа делегати од сите ЛБГ-а од Егејскиот регион, Истанбул, Истанбул-Јилдиз, Анкара, Измир, Атина, Солун, Ханиа, Подгорица и Ниш, па дури имаше и специјални гости од Германија и Полска. 

   Од преголемите обврски на факултетот не стигнав да го видам вистинското лице на Регионалниот Состанок, академскиот дел, предавањата кои беа држани од тренери од Турција, Грција,... Како и да е, наслушнав од другите учесници и од некои членови на нашето ЛБГ дека било прекрасно и навистина жалам зошто не отидов. Но тоа е, понекогаш некои работи мора да ги жртвуваме. 

    Покрај академскиот дел за кој само наслушнав дека бил прекрасен, мене многу ми се допадна оној другиот дел, наречен ЗАБАВА. Забавите беа прекрасни, со многу играње и лудување до раните утрински часови со неуморните учесници. Од Тао, преку Хавана до Вулкан, најразновидни јадења на Интернационалната вечер и многу распеани луѓе. Самите вие свртете ги профилите на социјалните мрежи на некои од нас, членовите на БЕСТ Скопје, и ќе најдете слики, сликани од самите учесници и проценете како било и дали вие би можеле да го опишете со зборови. Јас ви кажувам дека тешко се опишува, мора да се доживее. Тоа е БЕСТ.


За крај сакам да потенцирам дека овој настан ми го промени погледот кон БЕСТ и она што е БЕСТ. Слушајќи од учесниците дека на предавањата било многу интересно и забавно, се обработувале многу интересни теми, решив летово навремено да си ги завршам обврските од факултетот, за да можам мирно во почетокот на сончевиот јули да му се посветам на Летниот Академски Курс во комплетна организација на БЕСТ Скопје и тотално да им се посветам на предавањата кои ќе бидат опфатени и на забавата со учесниците.



WORK HARD, PARTY HARDER” – BEST

Дамјан Милошевски










Први контакти со BEST

Мојот прв контакт со БЕСТ беше на промоцијата за нови членови. Отидов на првиот состанок, дознав што е отприлика организацијата и уште тогаш ми се допадна начинот на кој функционира. Викендот што доаѓаше беше мотивациски викенд. Не знаев баш што точно ќе биде ама два дена во природа со друштво ми звучеа супер. Скоро сите што беа не ги знаев од порано(ги запознав на состанокот). И така уште во автобусот по пат, понатаму и во двата дена што следеа дознав многу работи околу БЕСТ, а сето тоа беше надополнето со многу дружење. Игравме интересни игри,некои беа wake up игри и имаше многу смеење,така и се запознавме подобро . Исто така интересен дел ми беа и тренинзите, околу тоа како функционира БЕСТ, што се ти нуди, на кој начин можеш да се вклучиш, кои работни групи се одржуваат... На некој начин се супер ни објаснија на новите членови а не беше досадно или напорно. Вечерта имавме едно два саати свирење гитара и пеење покрај каминот и атмосферата беше незаборавна. И така се вративме назад, јас запознав многу нови луѓе, супер си поминав, и продолжив да доаѓам во БЕСТ. Брзо следеше и нивниот 11ти роденден кој беше во стилот на Оскарите, значи гламурозно и блескаво и сето тоа организирано од исто така понови членови на БЕСТ,се разбира со помош на поискусните, сите си се забавуваме, тортите беа многу вкусни а си добивме и по еден оскар сите. Мене лично ме зарази БЕСТ духот и мислам дека ке се вклучам и во наредните настани,а секако го чекам со нетрпение и летниот курс за кој сите зборат дека е нешто најубаво.

Марија Стојковска


КАМИКАЗИ, eден од победничките тимови на EBEC Skopje 2013


Беше обичен ден на факултет, среда, ако добро се сеќавам. На аудиториските вежби по Напреден Развој на Софтвер, дојдоа двајца студенти. Рекоа дека се од студентската организација БЕСТ и дека сакаат да нè информираат за некаков инженерски натпревар. Најпрво, воопшто не бевме заинтересирани за тоа, но откако заврши презентацијата, веќе почнавме да размислуваме за учество. „Зошто да не, ќе биде одлично искуство” – си рековме. И така и се случи. Наредниот ден, испративме апликација за учество на EBEC, под името „Камикази” (има приказна за тоа како го избравме токму тоа име, но ќе ја кажеме во наредна прилика).



Од самиот почеток, надежите и очекувањата беа мали. Нам, како студенти од прва година, императив ни беше да учествуваме, да научиме нешто ново, да се забавуваме. За победа воопшто не зборувавме, но да бидеме искрени, потајно се надевавме.
Како што се приближуваше денот на натпреварот, сè повеќе и повеќе, во нас се разгоруваше желбата за што поголем успех, впрочем, тоа би било случај со секого, па така и со нас. Постојана тема на разговор ни беше токму EBEC и нештата поврзани со тој настан.
Дојде и 26-ти февруари, првиот натпреварувачки ден на инженерскиот натпревар. Тимовите пристигнаа, сè беше подготвено и одлично организирано. Остана само да го слушнеме проблемот и да преминеме на негово решавање. Соработката меѓу нас беше одлична, дојде до израз тимскиот дух кој го поседувавме, а којшто по овој настан се разви уште повеќе. Дојдовме до едно одлично решение, кое да бидеме искрени, доста добро го презентиравме пред жири-комисијата, што можеби беше клучниот фактор за освојување на првото место, со оглед на тоа дека уште два тима имаа ист резултат како нас. Начинот на презентирање е уште еден сегмент, со помош на кој добивме едно искуство повеќе, кое со сигурност ќе ни биде од помош понатаму.



Прогласувањето на победниците беше приказна за себе. Чувството со кое се соочувавме тој момент е тешко да се опише со зборови. Уште долго по прогласувањето, не можевме да си поверуваме дека всушност ние, тимот „Камикази“ , сме победници на EBEC и ќе одиме на Балканскиот натпревар во Софија. Знаеме дека таму работите ќе бидат малку поинакви. Ќе имаме квалитетна конкуренција, бидејќи, сепак тимовите кои ќе се натпреваруваат таму, победиле во својата држава. Но колку и да биде тешко, ние знаеме дека ќе дадеме сè од себе и нема да се откажеме до последниот здив! Освен натпреварување во Софија, очекуваме да запознаеме што е можно повеќе нови пријатели со кои се надеваме дека одлично ќе се забавуваме! Исто така очекуваме да се запознаеме со луѓе и компании од I.T. секторот кои, всушност се нашата иднина. Знаеме дека и таму одлично ќе си поминеме, и секако, се надеваме на победа.


За крај, сакаме да им се заблагодариме на BEST, студентската организација за која дознавме и преку која се запознавме со овој инженерски натпревар. Видовме дека атмосферата таму е одлична, се организираат одлични настани, на кои секој студент би било супер да учествува. Благодарност и до сите други кои учествуваа во организацијата и до оние кои дадоа поддршка за EBEC.

P.S. Софија, чекај нè!